Стравотен корупциски скандал ја потресува Белгија
- Вистина е дека обвинението против Дидие Рејндерс (66 години, белгиски министер веќе дваесет години, претседател на Либералната партија од француско говорно подрачје седум години, поранешен европски комесар за правда од 2019 до 2024 година) е зачудувачко. Но факт е дека сега судовите го сомничат дека „тој и неговата сопруга испрале десетици илјади евра преку игри на среќа“
- Кога го слушнав ова, паднав од столот, признава за париски „Монд“ член на неговата партија, Движењето за реформи, зачуден, како и многу други, од обвинувањето на овој политичар, кој беше во првите политички редови речиси четириесет години…
Дидие Рејндерс, водечка политичка фигура во Белгија и поранешен еврокомесар, е во центарот на истрагата за перење пари преку лотарија. Токму самата Национална лотарија пријавила неправилности, а Рејндерс, поранешен висок политичар и поранешен еврокомесар, е осомничен откако биле извршени сомнителни плаќања на неговата сметка и тој купил илјадници билети за коцкање. Ова е „аферата што ја запрепасти Белгија“, напиша дневниот весник „Ла либр белжик“ на 30 јануари.
Вистина е дека обвинението против Дидие Рејндерс (66 години), белгиски министер веќе дваесет години, претседател на Либералната партија од француско говорно подрачје седум години, поранешен европски комесар за правда од 2019 до 2024 година, е зачудувачко, а сега судовите го сомничат дека тој и неговата сопруга испрале десетици илјади евра преку игри на среќа.
– Кога го слушнав ова, паднав од столот – признава за париски „Монд“ член на неговата партија, Движењето за реформи, зачуден, како и многу други, од обвинувањето на овој политичар, кој беше во првите политички редови речиси четириесет години. Дидие Рејндерс раководеше со јавната администрација пред важни федерални оддели (финансии, надворешни работи, одбрана).
На 4 декември 2024 година, бриселското јавно обвинителство потврди дека е отворена истрага против политичарот, кој сега е без мандат. Федералната полиција претходниот ден извршила претрес во неговиот дом во Укл и во неговиот втор дом во провинцијата Лиеж. Правосудниот систем беше алармиран од Националната лотарија и службите за борба против измами, кои се сомневаа во перење пари. Добивките, очигледно пониски (во просек за 40 отсто) од вложените износи, но „испрани“, потоа наводно биле уплатени на банкарската сметка на заинтересираната страна.
Сомнително купување лозови вредни неколку илјади евра
Неверојатно? Не баш. Или воопшто не, бидејќи новинарите што во средината на јануари ја посетија бензинската пумпа во близината на домот на поранешниот министер во Брисел од една продавачка дознаа дека „Рејндерс редовно доаѓал во доцните попладневни часови и купувал лотариски лозови вредни две-три илјади евра. Полицијата ги прегледала видеоснимките од продавницата. Големите билети биле ставени во сеф и од вработениот било побарано да остане дискретен за постапките на овој ВИП-клиент“.
На прашањето на „Ле монд“ и јавното обвинителство е дискретно.
– Истрагата е тајна, не е можна комуникација – одговорил судија. Нема конкретен одговор и од адвокатот на Рејндерс.
– Мојот клиент ги задржува своите изјави за судовите, со почит – одговори Андре Ренет во СМС-порака кога беше испрашуван за одредени точки од обвинението. Набргу по распадот на случајот, тој го оспори „окарактеризирањето перење пари спомнато во печатот, и фактички и во законот“. Рејндерс, од своја страна, молчи по неговото единствено сослушување во полицијата. Печатот го осудува овој молк.
Ниту повторно сослушан ниту обвинет (тој има корист од министерскиот имунитет што може да го укине само парламентот), поранешниот министер за финансии, што го направи министер одговорен за Лотаријата, сепак ќе мора да го објасни потеклото на средствата што тој, исто така, наводно ги „играл“ преку „е-билети“, „виртуелни“ ваучери, кои можат да се купат преку интернет. Се тврди дека поранешниот министер прокоцкал 200.000 евра, а на својата сметка уплатил и околу 800.000 евра, во период од десет години. Судовите не ја потврдија оваа сума. За време на претресот во декември, иследниците пронајдоа 7.000 евра, од кои некои беа во банкноти од 500, чие производство беше запрено од централните банки во 2019 година.
ИНГ банката го испрашуваше својот клиент во 2018 година за големината на износите на нивната сметка. Плаќањата потоа престанаа. Сепак, ИНГ наводно ги известила надзорните органи дури пет години подоцна, кога веќе била отворена истрага. Недостигот од претпазливост е уште поизненадувачки бидејќи, кога ќе се соочи со ПЕП – политички експонирана личност – белгиската банка мора да биде особено внимателна за потеклото на средствата.
Националната лотарија, со помош на ревизорска компанија, пренела информации до канцеларијата на федералното обвинителство во март 2022 година. И јавно објави, една недела по првите откритија за аферата, белешка од 14 страници во која се детализирани „многу исклучителните“ состојби на двете сметки што ги имал Рејндерс. Можното перење пари преку овој канал е уште позагрижувачко, потврдува анонимен експерт, бидејќи клиентот на Лотарија, теоретски, може да уплати само 500 евра неделно на својата сметка.
Според документот што го објави Лотаријата, 39 сметки, од вкупно еден милион, имале салдо од 20.000 евра, лимит поставен пред да се активира предупредувањето за перење пари. Рејндерс имал околу 25.000 евра во 2023 година. И додека 55 играчи, сè уште од милион, префрлија повеќе од 3.000 евра (друг лимит) од нивната сметка на Лотарија во нивната банка, две сметки надминаа 15.000 евра. Оние на поранешниот министер, откри весникот „Де стандард“.
Според законот, обвинителството нема да мора да го докажува недозволеното потекло на парите. Рејндерс е тој што треба да докаже дека тоа е законско. А со оглед на многуте позиции што ги има, има многу гласини за можните извори на тој милион евра. Правдата трага и молчи.
Откривањето на аферата не е случајно
До откривањето на аферата дојде само два дена по завршувањето на неговиот мандат како еврокомесар, Дидие Рејндерс, либерален политичар, беше сослушан во полиција, без лишување од слобода, додека неговиот дом во бриселската општина Укл и неговата селска куќа во Валонија беа претресени од полицијата.
Времето не е случајно: според информациите од „Ле суар“ и „Фолов зи Монеј“, белгискиот правосуден систем чекал неколку месеци за да истече заштитата поврзана со неговиот мандат во колеџот на комесари. Всушност, како член, Дидие Рејндерс би бил свесен за тековната истрага – правосудниот систем би бил обврзан однапред да ги предупреди комесарите.
Европскиот комесар за правда за време на првиот мандат на Урсула фон дер Лајен (2019-2024), Дидие Рејндерс, беше избран врз основа на неговите познавања за заштита на владеењето на правото во Европската Унија. Тој веќе беше предмет на обвинувања во 2019 година, кога поранешен таен агент тврдеше дека политичарот примал мито за време на неговите должности.
Последните неколку години беа синоним за серија политички неуспеси за Дидие Рејндерс. Неговата партија, Движењето за реформи (МР), го претпочиташе Хаџа Лахбиб (54), кој беше шеф на белгиската дипломатија од јули 2022 година. Поранешниот белгиски министер претходно двапати се обиде да стане генерален секретар на Советот на Европа. Овој случај, доколку доведе до осуда, може да означи крај на неговата политичка кариера.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур