Британските власти ги советуваат украинските власти во преговарачкиот процес со Русија. Ова го изјави министерката за надворешни работи на Велика Британија Лиз Трас во интервју за Дејли Телеграф.
– Мислам дека тие (Русија) не се сериозно заинтересирани за (преговори) во моментов. Затоа велам дека треба да бидеме цврсти за да постигнеме мир. Треба да ги удвоиме санкциите. Треба да ги удвоиме испораките на оружје за Украина Но, кога дојде време за преговори, сакам Обединетото Кралство да одигра клучна улога во постигнувањето работен договор – рече таа, додавајќи дека Лондон формирал „специјално преговарачко тело за да и помогне на Украина“.
Трас исто така смета дека можните договори меѓу Русија и Украина треба да вклучуваат не само прекин на огнот и повлекување на руските војници, туку и забрана Москва да учествува во воени акции во иднина.
– Овој пат мораме да бидеме сигурни дека нема да го повториме процесот од Минск, дека ќе дојдеме до ситуација со вистински прекин на огнот, повлекување на војниците од Украина и присуство на лостови за влијание врз Русија за да се запре секоја идна агресија – истакна Трас.
Според шефицата на британското Министерство за надворешни работи, санкциите против Русија можат да бидат вклучени во документите како еден од начините за влијание врз Москва во случај на прекршување на договорите.
– Знаеме дека Русија потпиша многу договори кои не ги спроведува. Значи, има потреба од потпора, а санкциите се едно такво средство, рече Трас. Сепак, таа жали што Лондон, за разлика од Франција и Германија, не бил вклучен во потпишувањето на договорите од Минск.- Требаше да учествуваме во тие преговори – заклучи министерката.