Француската јавна инвестициска банка Bpifrance ќе создаде фонд за финансирање одбранбени проекти во вредност од 450 милиони евра, објави денеска францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.
Овој фонд ќе биде дел од напорите на земјата да ги зголеми трошоците за одбрана, поттикнати од стравувањата од руски напад и сомнежите за иднината на американската одбрана.
– Француските граѓани ќе можат, преку транши од 500 евра, да ги инвестираат своите пари на долг рок – изјави Ломбард за телевизијата Те еф 1.
Според Министерството за финансии и одбрана, француските компании во одбранбениот сектор ќе имаат потреба од дополнителен капитал во вредност од над 5 милијарди евра во следните неколку години.
Претседателот Емануел Макрон, кој за време на двата мандата на функцијата го удвои францускиот буџет за одбрана, неодамна постави уште повисока цел, велејќи дека земјата мора да ги зголеми трошоците за одбрана на 3-3,5 отсто од БДП, во споредба со сегашното ниво од два отсто.