Литванија, членка на НАТО, ја обвини Москва дека руски воени авиони вчера го повредиле нејзиниот воздушен простор.
Според тврдењата на Вилнус, руски борбен авион Сухој Су-30 и танкер Иљушин Ил-78 влегле на околу 700 метри во литванската територија од правец на соседната руска енклава Калининград, задржувајќи се 18 секунди. Поради инцидентот, веднаш биле подигнати шпански борбени авиони Јурофајтер Тајфун кои се наоѓаат во мисија на НАТО во регионот.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа остро го осуди инцидентот, нарекувајќи го „флагрантно кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Литванија“. Министерството за надворешни работи на Литванија најави дека поради повредата на воздушниот простор ќе ги повика на разговор претставниците на руската амбасада во Вилнус.
Руското Министерство за одбрана целосно ги отфрли литванските тврдења. Во соопштение се наведува дека руските авиони Су-30 изведувале планирани тренажни летови над Калининградската област со строго почитување на меѓународните правила.
– Авионите не отстапиле од својата рута на летање ниту ги повредиле границите на други држави, што е потврдено со објективни средства за следење – нагласи Москва.
Овој настан се случува во време на засилени тензии и само неколку недели откако и Естонија ја обвини Русија за слична повреда на воздушниот простор. Земјите на источното крило на НАТО веќе подолго време предупредуваат на зголемување на упадите на руски авиони и дронови, што се толкува како дел од хибридните активности и тестирање на подготвеноста на Алијансата.





































