Калин Георгеску / Фото: ЕПА

Романските обвинители поведоа кривична истрага против победникот во првиот круг на минатогодишните откажани претседателски избори во Романија, Калин Георгеску, подигнувајќи обвинителен акт. Обвинителството форматира обвинение против него пронаоѓајќи елементи за основани сомненија за „злоупотреби за финансирање кампања, поддршка на фашистички групи и други злосторства“. Поради тоа, романската полиција деновиве го запре Калин Георгеску во сообраќајот во главниот град Букурешт, го лиши од слобода и го приведе на сослушување.
Романското обвинителство објави дека отворило кривична постапка против Калин Георгеску (кандидатот за претседател на Романија што победи во првиот круг претседателски избори во минатата година, а кои беа поништени), за наводни извршени кривични дела од страна на претседателскиот кандидат Георгеску. Тој се товари и за „поттикнување дејство против уставниот поредок, ширење лажни информации и лажни изјави“ во врска со финансирањето на изборната кампања и откривање имот од сомнително потекло. Обвинителите, исто така, изјавиле дека тој е обвинет за „основање или поддршка на фашистички, расистички, ксенофобични или антисемитски организации, како и за јавно промовирање воени злосторници и екстремистички идеологии“. Стотици поддржувачи се собраа пред канцеларијата на обвинителството, веејќи го романското знаме и скандирајќи: „Ослободете го Георгеску!“ Романскиот премиер Марсел Чиолаку на платформата Икс порача: „Судството е независно и законот мора да се применува без оглед на личностите“.
Според романскиот портал „Диги24“, обвинителите, освен мерката за лишување од слобода на Георгеску, презеле мерки и за претрес на просториите на неговите блиски соработници, вклучувајќи ги и просториите на неговиот телохранител Хорациу Потр. Во обвинителниот акт, според романски медиуми, обвинителите сомничат вкупно 27 лица за дејствување против уставниот поредок на Романија.
За потсетување, минатата година Уставниот суд на Романија презеде досега невиден чекор поништувајќи ги претседателските избори, и тоа два дена пред одржување на вториот круг (по изненадувачкото водство на Георгеску во првиот круг). Во тој контекст, тогаш во романската јавност се појавија обвинувања за „руско мешање во изборите“.

Георгеску, кој негира дека сторил нешто за што го обвинува романското обвинителство, на Фејсбук напиша дека властите „се обидуваат да измислат докази за да ја оправдаат кражбата на изборите и да направат сѐ за да ја блокираат НЕГОВАТА нова кандидатура за претседател“. Тој ги повика приврзаниците да присуствуваат на протестот во Букурешт во сабота.
Потсетуваме и дека првиот круг од повторените избори во Романија е закажан за 4 мај. Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе следува втор круг на 18 мај. Сѐ уште не е јасно дали Георгеску ќе може да се кандидира.
Актуелната администрација на Трамп ја критикуваше Романија за откажувањето на минатогодишните претседателски избори, а потпретседателот Џ. Венс тврди дека одлуката на судот била заснована на „слаби сомнежи“ и „огромен притисок“ од европските соседи на Романија.
– Тие штотуку го уапсија лицето што освои најмногу гласови на романските претседателски избори. Ова е незгодно – напиша технолошкиот милијардер и советник во Белата куќа, Илон Маск, на Икс.
„Браселс сигнал“ исто така напиша: „Никогаш не се презентирани конкретни докази за руско мешање во изборите. Оттогаш, наративот се префрли на наводната ’несоодветност‘ на г. Георгеску да служи како претседател бидејќи неговите ставови не се усогласуваат со ставовите на естаблишментот, без разлика дали станува збор за ЕУ, Украина и за многу други теми“. Р.С