Фото: НАТО

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека се согласил со „предложената формулација за можноста Украина во иднина да се приклучи на НАТО“.

Изјавата на Бајден пред почетокот на самитот на НАТО дојде кусо откако украинскиот претседател Володимир Зеленски издаде изјава за „очекуваната формулација“, сугерирајќи дека не оди доволно далеку кон неговите цели за пристапување.

Војната во Украина е меѓу главните точки на агендата на лидерите на НАТО, заедно со дискусијата за идниот пат за приклучување на земјата разурната од војна во Алијансата, што предизвика одредена поделеност меѓу лидерите.

– Се согласуваме со формулацијата што ја предложивме – а вие во однос на иднината на Украина предложивте да може да се приклучи на НАТО – рече Бајден во кусата изјава заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред самитот.

Зеленски претходно на Твитер напиша дека „примил сигнали оти одредени формулации се дискутираат без Украина“, нагласувајќи дека „формулирањето е за поканата да стане членка на НАТО, а не за членството на Украина“.

Бајден исто така истакна дека според него е многу важно што „во овој критичен момент Столтенберг продолжува да го води НАТО“.

– Вие сте човекот од доверба, никој не ја знае подобро ситуацијата од вас – му рече Бајден на шефот на НАТО.


Зеленски: Апсурдно е на Украина да не ѝ се понуди членство во НАТО

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е апсурдно на Самитот во Вилнус да не ѝ се понуди на Украина членство во НАТО. Тој истакна дека Украина заслужува почитување.

– Се чини дека нема подготвеност Украина да биде поканета во НАТО или да стане членка на Алијансата. Тоа значи дека е оставена можност да се преговара за членството на Украина во НАТО во преговорите со Русија. А, за Русија тоа значи мотивација да го продолжи својот терор – посочи Зеленски.

Тој на Телеграм на англиски јазик напиша дека колебливоста е слабост и оти отворено ќе разговара за тоа на Самитот на НАТО во Литванија.


Германија најави пакет воена помош од 700 милиони евра за Украина

Германската Влада денеска најави нов пакет воена помош за Украина, кој е вреден 700 милиони евра.

Пакетот вклучува два системи „Патриот“ од залихите на Бундесверот, 40 дополнителни пешадиски борбени возила „Мардер“, 25 дополнителни главни борбени тенкови „Леопард 1 А5“, како и пет оклопни транспортери „Бергепанцер“ 2, соопшти германското Министерство за одбрана.

Се додава дека помошта вклучува и дополнителни 20.000 парчиња артилериска муниција и 5.000 димни гранати од 155 милиметри.

– Новиот пакет ги исполнува „приоритетите на Украина: противвоздушна одбрана, тенкови, артилерија… со него даваме важен придонес за зајакнување на отпорноста на Украина – се вели во изјавата на германскиот министер за одбрана Борис Писториус.