Лидерите на Јужна Кореја, Јапонија и Соединетите Американски Држави денеска издадоа заедничка изјава по повод годишнината од нивниот самит во Кемп Дејвид и ја потврдија својата посветеност за заедничко решавање на регионалните предизвици, објавија британските медиуми, повикувајќи се на претседателскиот кабинет на Јужна Кореја.
Принципите на трилатералната соработка воспоставени на минатогодишниот самит продолжуваат да служат како патоказ за соработката на трите земји – се вели во соопштението објавено од кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол.
-Ние ја одржуваме нашата посветеност да се консултираме за регионалните предизвици, провокации и закани кои влијаат на нашите колективни интереси и безбедност – се вели во соопштението.
Американскиот претседател Џо Бајден, јапонскиот премиер Фумио Кишида и Јун се состанаа на 18 август минатата година и се согласија да ја продлабочат воената и економската соработка, како и да заземат единствен став против растечката моќ на Кина и безбедносните закани на Северна Кореја.
Јужнокорејските медиуми објавија дека лидерите планирале повторно да се сретнат оваа година, цитирајќи неименувани извори, но рекоа дека сè уште не е јасно кога тоа ќе се случи, особено откако Кишида најави дека ќе се повлече од функцијата.