Имајќи го предвид фактот дека и самата е ќерка на имигранти, непријателството на британската министерка за внатрешни работи кон мигрантите може да изгледа не само сурово, туку и доста неразбирливо, пишува „Гардијан“.
Конференцијата на партијата на Ториевците во Бирмингем минатиот октомври, според мислењето на многумина, беше еден прилично чуден собир. Раководството на Лиз Трас веќе беше самоторпедирано, а нејзиниот канцелар, Кваси Квартенг, беше на чекор до „фрлање во отпад“ и постоеше опиплива потреба некој повторно да ги обедини трупите. Министерката за внатрешни работи, Суела Брејвермен, беше само еден месец на оваа позиција и не беше особено познато лице. Ситна фигура со непривлечен стил на облекување, таа не беше пример за кандидат што би го подигнал духот на партијата. Обраќајќи се на конференцијата, застаната во син фустан пред кралско сината позадина, не се издвојуваше по ништо особено, а нејзиниот говор беше предвидлив и не многу креативен, така што во салата резултираше со аплауз „по службена должност“, наместо со спонтан и бурен.
Сепак, исто како и Мартин Лутер Кинг, таа имаше сон, кој го сподели подоцна, за време на дебатата организирана од „Дејли Телеграф“.
-Би сакала да имам насловна страница на Телеграф со авион кој полетува за Руанда. Тоа е мојот сон, тоа е опсесија -изјави тогаш таа.
Овој нејзин настап ги наполни насловните страници и оттогаш таа не престанува да се појавува на нив. Ирската новинарка Клар Ни Чонгхајле сугерираше дека Брејвермен „олицетворува еден чуден вид суровост“. Од друга страна, дури и некои конзервативци мислат дека таа отишла предалеку. Минатиот декември, Нимко Али, социјална активистка и кума на синот на Борис и Кери Џонсон, поднесе оставка од функцијата советник во Министерството за внатрешни работи, велејќи дека Брејвермен покажала недостаток на хуманост со тоа што „ги затвора луѓето на места без кревети, со цел да покаже строг однос кон имиграцијата“.
Поранешната копретседателка на Конзервативната партија, бароницата Варси, рече дека нејзината „употреба на расистичка реторика“ покажува дека „не е способна да извршува високи функции“. Друг поранешен министер од Ториевците едноставно ја нарече Брејвермен „вистински расистички фанатик“.
Згора на сево ова, минатата недела за време на жестоката дебата во Домот на лордовите околу нацрт-законот за илегална миграција, надбискупот од Кентербери го нарече предложениот закон „морално неприфатлив“. Овде не се работи само за тривијални обвинувања – доколку (веројатно) конзервативците загубат на следните општи избори, таа лесно може да стане новиот партиски лидер. Еден поранешен министер од Ториевците, кој зборува за нејзината „недоветност“ и „фанатизам“, смета дека таквиот развој на настаните би бил „целосно катастрофален“, но сепак многу остварлив.
За разлика од критичарите, Сер Џон Хејс, пратеник на конзервативците, исто како и многумина кои ја познаваат, ја отфрла идејата за нејзината суровост и наместо тоа, тој ја велича нејзината пристојност.
-Таа е длабоко љубезна, многу светла и неверојатно храбра – вели тој.
Прашањето е: како и зошто овaa скромна поранешна адвокатка стана најпровокативната личност во британската политика? Брејвермен потекнува од силно конзервативно семејство. Нејзините родители се членови на индиската дијаспора. Нејзината мајка, Ума, потекнува од Маурициус, а нејзиниот татко Кристи Фернандес од Кенија (или „Кинја“, како што ја нарекува Брејвермен). Тие пристигнаа во Обединетото Кралство во 1960-тите, за време на период на силно антиимигрантско расположение, „без апсолутно ништо“, како што рече Брејвермен, „а Британија беше таа што им даде надеж, безбедност и можности“.
Решено да се вклопи во британската култура, семејството Фернандес ја именува својата ќерка по ликот од најпопуларното телевизиско шоу од 1980 година, „Сју Елен од Далас“. Можеби изгледаше чудно единственото дете на високоморални родители како нејзините да го носи името на една невротична, вооружена алкохоличарка, но наставниците на училиште почнаа да ја викаат Суела и тоа име некако „се залепи“за неа.
Суела порасна во Вембли. Нејзината мајка Ума, која двапати неуспешно се кандидираше за пратеник, работеше како медицинска сестра за НХС и како советник во редовите на конзервативците. Семејството, велат пријателите, беше и остана цврсто поврзано, и иако не беа богати, Суела беше испратена во скапото училиште „Хитфилд“ во Пинер само со делумна стипендија. Потоа успеа да запише право на колеџот Квинс, Кембриџ и стана претседателка на универзитетската Конзервативна асоцијација.
Во тоа време, студентскиот весник „Варсити“ објави сторија за неа на насловната страница, во која ја обвини за политичка корупција. Младата Брејвермен демонстрираше силна жилавост во соочувањето со оние што ја обвинија, што понатаму се покажа како добар патоказ кон успех во високата политика. По Кембриџ, каде што се спријатели со Роберт Џенрик, сегашен министер за имиграција, таа ја искористи програмата Еразмус (прекината по Брегзит) за да магистрира европско и француско право на Универзитетот Пантеон-Сорбона во Париз. За време на престојот во Америка, пак, таа се стекна со правото да практикува адвокатура во државата Њујорк. Во 2015 година, Брејвермен стана пратеник на Ферхам во Хемпшир. Првата нејзина улога во владата под водство на Тереза Меј, беше парламентарен потсекретар за излез од Европската унија (Брегзит).
По помалку од една година таа се откажа од функцијата во знак на протест поради нацрт-договорот за Брегзит на Меј. Истата таа 2018 година се омажи за Раел Брејвермен, менаџер во Мерцедес-Бенц. Тој е Евреин, додека таа е член на будистичкиот ред Триратна, секта чиј основач беше обвинет дека е сериски сексуален предатор. Таа оди во Лондонскиот будистички центар еднаш или двапати месечно. Двојката има две мали деца.
Премиерот Џонсон ја назначи за главен правен советник на владата, работа што вклучува присуство во кабинетот. Фактот што Брејвермен за толку краток временски период од нова пратеничка на „резервната клупа“ стаса до толку важна позиција е резултат колку на турбулентните политички времиња, толку и на нејзиниот сопствен талент и амбиција, пишува „Гардијан“.
За многу аналитичари, таа направи загрижувачки нов преседан кога го советуваше премиерот Џонсон дека би било легитимно да се прекрши меѓународното право со кршење на договорот што тој го склучи со ЕУ за Северна Ирска и внатрешниот пазар. Но од друга страна, можеби таа совршено ја разбра сериозноста на советувањето на премиерот да раскине правен договор, не сметајќи дека спротивната гледна точка е особено важна. На крајот на краиштата, партијата се менуваше, се движеше надесно, стана популистичка, а почитувањето на правилата не беше карактеристика што беше премногу ценета во владата на Џонсон.
За волја на вистината, таа е мета на многу критики, но можеби е попрецизно да се каже дека нејзиното етничкото потекло ѝ помогна да го заобиколи прашањето околу расизмот, покажувајќи се корисно за легитимирање на нејзиниот антимигрантскиот дискурс.
Неспорно е дека жената со нескриени амбиции за лидер на конзервативците и следен премиер на Британија се гордее со своите изјави, кои поумерен или поемпатичен политичар никогаш не би помислил да ги вербализира. Сепак, би било погрешно да претпоставиме дека таа користи отворена расистичка реторика со цел да го направи својот расен идентитет прифатлив за ториевската десница. Колку и да звучи збунувачки за ушите на секој либерал, оние што ја познаваат се едногласни во мислењето дека Суела Брејвермен искрено верува во она што го кажува.
Подготви: Валбурга Батева Николоска