Осмиот Кинески меѓународен саем за увозот (ЦИИЕ) денеска е отворен во Шангај од страна на премиерот Ли Чијанг.
– Бројот на компании учеснички на овогодишниот саем достигна нов рекорд, што во целост ја покажува силната виталност на кинескиот супер голем пазар – наведе Ли.
Според него ЦИИЕ е сè поуспешен благодарение на принципот „споделување на придобивките со светот“.
– Спротивно на тоа, некои унилатерални и протекционистички дејствија на меѓународната сцена сериозно влијаат на меѓународната трговија и економскиот поредок и ја нарушуваат глобалната економија – посочи Ли.
Според него, прво треба да се инсистира на еднаквост и заемна корист со цел да се зајакне легитимната основа на заедничките интереси. Второ, да се заштити меѓународната праведност и правда и трето да се унапредат реформите на управувањето и да се подобри системот на меѓународни трговски и економски правила.
– Кина е подготвена да соработува со сите страни за активно промовирање на имплементацијата на Иницијативата за глобално управување во областа на меѓународната трговија и економија, како и за реформирање и подобрување на мултилатералниот трговски систем – посочи Ли.
На свеченото отворање на саемот присуствуваа околу 1.500 претставници од 155 земји, региони, меѓународни организации, политички, деловни и академски кругови.

































