Францускиот министер за економија Ролан Лескир предупреди дека кризата во Ормускиот Теснец може да прерасне во сериозно економско нарушување од системски карактер, оценувајќи дека конфликтот на Блискиот Исток веќе предизвикува нов глобален нафтен шок.
Обраќајќи се пред пратениците во Националното собрание на Франција, Лескир истакна дека сценариото за краткотрајна криза повеќе не е реално и дека станува збор за длабоко нарушување на енергетските пазари.
Според него, поради актуелната состојба, на светскиот пазар недостигаат меѓу 15 и 20 проценти од нафтата, како и околу 20 проценти од течниот природен гас, што претставува недостиг од приближно 11 милиони барели дневно, пренесува Фигаро.
Лескир предупреди дека доколку кризата трае подолго од неколку недели, таа може да се прелее во пошироката економија и да добие системски размери, иако засега ситуацијата сè уште не е во таа фаза.
Тој додаде дека меѓу 30 и 40 проценти од рафинериските капацитети во регионот на Заливот во моментов не функционираат, било поради прекин на работата или оштетувања од напади.
Според проценките, повторното активирање на запрените постројки би можело да трае со недели, додека обновата на оштетените капацитети може да потрае со години, што значи дека брзо стабилизирање на пазарот не е изгледно.
Министерот посочи дека економските последици ќе зависат од траењето и интензитетот на конфликтот, нагласувајќи дека трајно зголемување на цената на нафтата од 10 долари по барел го намалува економскиот раст на Франција за околу 0,1 процентен поен, а ја зголемува инфлацијата за 0,3 поени.
По американско-израелските напади врз Иран кон крајот на февруари, цената на нафтата значително порасна и оттогаш се задржува над 100 долари за барел, што веќе се одразува врз цените на горивата.
































