Жителите на северниот дел на Појасот Газа, каде гладот е најзастапен, велат дека се соочуваат со недостиг од зеленчук, овошје и месо и живеат само од леб.
Велат дека храната достапна на пазарот се продава по превисоки цени, па цената на килограм зелена пиперка е 320 шекели или околу 90 долари, а пред војната била околу еден долар. Цената на кромидот е околу 70 долари.
Ум Мухамед, мајка на шест деца, во изјава за „Ројтерс“ вели: Се соочуваме со глад, целиот свет не заборави. Таа престојува во северниот дел на Појасот Газа повеќе од осум месеци од израелските воени операции. Неколку пати го напуштила својот дом со семејството за да се засолни во училиштата на ОН.
– Имаме само брашно и леб. Немаме со што да го јадеме или да го натопиме. Јадеме сув леб – вели таа.
Палестинските власти и меѓународните хуманитарни работници изјавија дека на крајот на мај, израелската армија ја укина забраната за продажба на свежа храна од Израел и окупираниот Западен Брег на оние од Појасот Газа.
Но, на социјалните мрежи жителите ги обвинуваат „бескрупулозните трговци“ дека ги искористуваат потребите на луѓето, купуваат стоки во Израел и на Западниот Брег по нормални цени и ги продаваат по значително повисоки цени, искористувајќи го падот на безбедноста во Појасот Газа.
Ум Мухамед преку СМС пораки за „Ројтерс“ изјави: – Нема месо или зеленчук, а ако се најдат, цените се неверојатно скапи.
Испораката на помошта на Обединетите нации за разурнатиот Појас Газа е значително нарушена од почетокот на израелската воена инвазија на Рафах на југот на Појасот, кој е главниот премин во Појасот од Египет. Израел е под зголемен глобален притисок да ја олесни кризата, додека хуманитарните агенции предупредуваат дека гладот е неизбежен.
Израел вели дека не поставува ограничувања за испораката на хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа и ги обвинува Обединетите нации за бавната испорака, велејќи дека нивните операции се неефикасни.
Сведоците во петокот известија дека авиони фрлиле пакети со помош во Ал-Карара и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
– Голем дел од населението во Газа се соочува со катастрофално ниво на глад и услови слични на глад – изјави во средата генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој објасни дека тешка неухранетост е дијагностицирана кај повеќе од 8000 деца на возраст до пет години, од кои 1600 се деца кои страдаат од акутна неухранетост.
Министерството за здравство во Појасот Газа во петокот објави дека 27 деца во Појасот починале од неухранетост од почетокот на израелската агресија во октомври и потврди дека северот на Појасот е погоден од хуманитарна трагедија.
Централниот комитет за вонредни состојби на Комората за трговија, индустрија и земјоделство во Газа во петокот упати итен апел, во кој се вели:
– Ја повикуваме меѓународната заедница да изврши притисок за завршување на војната, за укинување на опсадата и за отворање на вратата за хуманитарна помош за храната и лековите да стигнат до оние на кои им се најпотребни.
– Покрај недостигот на храна, вода и лекови, северниот дел на Појасот Газа страда од сериозен недостиг на многу основни потреби, вклучително и производи за лична хигиена – додава генералниот директор на Светската здравствена организација.
Во соопштението се вели и дека има недостигот на гориво и електрична енергија, недостатокот на здравствени услуги, нефункционирањето на болниците и целосното уништување на сите јавни и приватни објекти е обид на Израел да го оневозможи животот на северот на Појасот Газа.