Русија настојува да ја отстрани заканата од нуклеарна војна, тврди рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров. Тој предупреди дека заканата од Трета светска војна навистина постои и е сериозна.
– Русија настојува да ја отстрани заканата од нуклеарна војна и покрај големите ризици во овој момент – изјави Лавров синоќа за руската државна телевизија.
Околу тензиите меѓу Русија и Западот поради руската офанзива на Украина, Лавров подвлече дека „опасноста од Трета светска војна е сериозна и не смееме да ја потценуваме“.
Како што пренесуваат странските агенции, тој го обвинил украинскиот претседател Владимир Зеленски „за глумење дека преговара“.
– Тој е добар глумец. Ако внимателно гледате и читате што зборува, ќе забележите илјада противречности – рече Лавров.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба смета дека руското ширење страв е знак на слабост. Русија ја изгуби „последната надеж дека ќе го оттргне светот од поддршка за Украина“, напиша Кулеба на Твитер, по објавеното интервју со Лавров.
– Тоа значи само дека Москва го претчувствува поразот – вели Кулеба.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вчерашното интервју изјави дека испораките на западно оружје за Украина значат дека НАТО сојузот е „всушност вклучен во војната со Русија“. Москва тоа оружје го смета за легитимни цели, појасни тој.
– НАТО, всушност, е ангажиран во војната со Русија преку посредник и го вооружува тој медијатор. Војна е војна – истакна меѓу другото рускиот министер.
Лавров предупреди да не се потценуваат ризиците од нуклеарен конфликт.