Фото: Пeкселс

Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, денеска повика на договор со Хамас за ставање крај на војната во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои сѐ уште ги држи палестинската група, јави ДПА.

– Завршувањето на војната е во интерес на Израел – објави Лапид на хебрејски на мрежата „X“.

Тој, истовремено, го повтори својот повик за промена на политичкото раководство на Израел.

– Војната ќе продолжи се додека постои оваа влада – напиша Лапид.

– Владата не сака мир – додаде поранешниот премиер и шеф на центристичката партија Јеш Атид.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир од десничарската екстремистичка партија Отзма Јехудит, претходно изјави дека акривно работи на попречување на актуелните  индиректни разговори со Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа.

– Израел не треба да преговара со убијците – рече Бен-Гвир.

Во текот на викендот, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека пронашле тела на шест заложници, што предизвика бран тага и гнев во Израел. Според извештаите на медиумите, заложниците биле застрелани од непосредна близина помеѓу 48 и 72 часа пред да бидат пронајдени нивните тела.

Веста донесе стотици илјади демонстранти на улиците на Израел. Тие побараа договор за ослободување на преостанатите заложници, додаде ДПА.