Сѐ уште не е завршена делумната мобилизација во Русија на стотици илјади резервисти за учество во борбите во Украина, иако многу региони веќе го завршија процесот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од француските медиуми.
– Во моментов сѐ уште нема претседателски указ за прекин на мобилизацијата – потенцира тој пред медиумите.
Песков изјавата ја дава само еден ден откако градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, најави затворање на центрите за воена мобилизација во руската престолнина, кои работеа речиси еден месец. Според проценките на Собјанин, градот веќе ја пополнил својата квота војници што ќе бидат испратени да се борат во Украина, откако претседателот Владимир Путин најави делумна мобилизација на 21 септември.
Француските медиуми потсетуваат дека указот за мобилизација на Путин предизвика голема вознемиреност и поттикна десетици илјади Руси да ја напуштат земјата за да го избегнат присилното регрутирање.
Рускиот претседател минатата недела кажа дека очекува мобилизацијата да заврши „за две недели“, признавајќи дека биле направени грешки.
Песков денеска изјави дека неколку региони го завршиле процесот на мобилизација, но не прецизираше кои.
-За секој регион Министерството за одбрана постави квоти. Некои велат дека го завршиле овој процес – изјави тој за медиумите.
Песков вети дека руските власти нема да мобилизираат повеќе од најавената цел од 300.000 резервисти.