Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека е „уморен од тоа секогаш да мора да ги убедува западните сојузници дека треба да донесат брзи, конкретни и силни одлуки“ за да ја поддржат неговата земја во војната против Русија.
-Слушам зборови на солидарност. Меѓутоа, сега мора да се донесат силни и конкретни одлуки за зајакнување на украинската одбрана – рече Кулеба, враќајќи се од министерскиот состанок на НАТО во Брисел.
Кулеба зборуваше преку видео врска на конференција организирана од Францускиот институт за меѓународни односи.
-Во НАТО имав само една тема за разговор: „Патриот“, тие проектили што се користат во воздушната одбрана, што на Украина очајно и требаат за да се спротивстави на руските напади- рече Кулеба.
„Моите колеги ме поддржуваат, но ми велат – тоа што го барате е комплицирано“, додаде украинскиот министер, наведувајќи дека доколку министрите за надворешни работи поминеле една ноќ во Харков, нема да речат дека е „комплицирана“.
Кулеба рече дека му здосадува секогаш да мора да убедува, „кога се е очигледно“.
Украинскиот министер ги повика сојузниците на Киев сериозно да го сфатат тоа што го кажа францускиот претседател Емануел Макрон дека „војната во Украина е егзистенцијално прашање“ за цела Европа.
За ветениот пакет американска помош за Украина од 60 милијарди долари, што со месеци го блокираа републиканските поддржувачи на Доналд Трамп во Конгресот, Кулеба кажа дека со месеци наназад само слуша дека има надеж за деблокирање. Тој додаде дека е уверен дека пакетот ќе биде одобрен, но не се знае кога.