Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, изјави дека на 24 февруари ќе биде испратен „многу јасен сигнал“ до рускиот претседател Владимир Путин.
Како што наведе тој, сигналот ќе биде испратен на годишнината од рускиот напад врз Украина.
Кулеба, одговарајќи на прашањето за акциите за поддршка на Украина до 24 февруари, рече дека ќе има различни настани во ОН, во Киев и во многу светски метрополи и дека тоа ќе испрати многу јасен сигнал до Путин дека е во сериозна грешка ако игра на исцрпеност и смета дека времето е на негова страна, бидејќи единството со Украина расте секој ден – пренесува Униан.
Кулеба оцени дека е многу важно американскиот претседател Џозеф Бајден да ја посети Полска од 20 до 22 февруари, но додаде дека не се работи само за таа посета, туку за неколку настани во различни градови, чиј ефект ќе биде кумулативен.
Зборувајќи за заострувањето на санкциите кон Русија, Кулеба рече дека до 24 февруари ќе има нови санкции.
– Тие ќе бидат објавени во различни земји, во различни институции. Тоа исто така ќе биде дел од овој сигнал за единство заради победата – рече Кулеба.
Тој нагласи дека првата цел на Украина е да го делегитимира присуството на Русија во Советот за безбедност на ОН.
Според неговото мислење, тоа ќе се постигне доста брзо, а за исклучувањето на Русија од самиот Совет за безбедност ќе биде потребно време.