Марш во Каракас против распоредувањето на американската војска во Карипското Море \ Фото: ЕПА

Геополитичката спротивставеност меѓу светските сили отвора ново жариште на Карибите

  • Во заднината на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не испорача ракети „томахавк“ за Украина, руските аналитичари гледаат едноставна и долгорочна пресметка. Вашингтон, тврдат тие, проценил дека секој таков потег би отворил пат Москва да ја снабдува Венецуела со свои ракети со долг дострел – „орешник“. Со други зборови, доколку се испорача американското оружје во Украина, тоа би предизвикало реципроцитет: испорака на руско оружје за Венецуела, односно за официјален Каракас

Светот повторно гледа во правец на Карибите, како историјата да се враќа на местото каде што некогаш била напишана. Шеесет и три години по Кубанската ракетна криза, тензиите растат, но овој пат Москва не стои во Куба, туку на брегот на Венецуела. Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ѝ се заблагодари на Русија за нејзината помош во „стабилизирањето на ситуацијата“ и осудата, како што изјави, на „воените закани во Карипско Море“.
На својот канал на Телеграм, Мадуро истакна дека неговата влада ѝ се заблагодарува на „братска Русија“ за нејзините напори за деескалација на тензиите, додека, како што тврди, цивилите продолжуваат да страдаат од напади врз мали чамци. Аналитичарите го гледаат тој дипломатски тон како надворешен слој на многу подлабока соработка. Според нивните процени, Кремљ со тоа не само што ја потврдува својата стара максима – „ние не ги напуштаме своите“ – туку повторно ја враќа во игра стратегијата што датира од времето на Хрушчов: наоѓање упориште во близината на американските граници.
Венецуела, заедно со Куба и Никарагва, повторно се наметнува како одговор на американскиот притисок. Соговорник на медиумот „Блокнот“ живописно го опиша потегот на Москва како „убод во стомакот на Соединетите Американски Држави“.
Во заднината на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не испорача ракети „томахавк“ за Украина, руските аналитичари гледаат едноставна и долгорочна пресметка. Вашингтон, тврдат тие, проценил дека секој таков потег би отворил пат Москва да ја снабдува Венецуела со свои ракети со долг дострел – „орешник“. Со други зборови, американското оружје во Украина би го привлекло руското оружје во Каракас.
На ова се осврна и писателот Захар Прилепин, велејќи: „Давањето ракети ’томахавк‘ за Украина автоматски значи давање ’орешник‘ за Венецуела“. Според истата логика, иронично, додава тој, и Куба и Никарагва наскоро би можеле да ги добијат своите „подароци“, додека Северна Кореја „би побарала нешто на братски начин“.
Ова го нагласува ставот што е сè поприсутен во Москва: секоја испорака на оружје до Киев има свој одглас во Латинска Америка. Рамнотежата на стравот, велат руските коментатори, не исчезнала – таа само се преместува на ново географско поле.
Во американската реторика, приказната за „дрогата“ во Венецуела повторно се појавува, како аргумент за можна интервенција. Руските медиуми го споредуваат ова со инвазијата на Ирак, потсетувајќи дека оправдувањето тогаш било оружје за масовно уништување – кое никогаш не било пронајдено, но нафтата била. Сличен модел, тврди „Блокнот“, се повторува во Венецуела: нема дрога, но има нафта и наратив за „триумфот на демократијата“.

Групата Вагнер во заднина на венецуелската одбрана!?

Во овој контекст се појавува потемна епизода: сè почестите пристигнувања на авионите „ил-76“, кои, според руски извори, транспортираат воена опрема, но и луѓе поврзани со групата Вагнер. Воениот дописник Јуриј Котенок се сеќава на еден настан од февруари 2017 година, кога американски воздухопловни сили во Сирија, во близината на Хашем, нападнале единица во која имало членови на Вагнер, наведувајќи дека „има долг за наплата“.
Венецуелската армија има значајни капацитети: 36 авиони „су-30МК“, околу педесет хеликоптери „ми-35М“, „ми-17“ и „ми-26“, повеќе од 120 тенка, околу 240 борбени возила, голем број системи „град“ и „смерч“, како и руски системи „С-300“, кои, како што е наведено, би можеле да го свртат текот на секоја воздушна кампања.
Во оваа комбинација на интереси, стравови и притисоци, старата приказна за конкуренцијата меѓу големите сили околу малите држави добива ново поглавје. „Духот на Студената војна повторно оживеа на Карибите“, коментираа руските аналитичари – само со различни актери и нови маски.
И меѓу редови и под нејасни околности стои клучно прашање: дали светот навистина се оддалечи од работ на конфликтот или само се враќа на точката каде што историјата, како и многупати досега, опасно се повторува?

Р.С.