Фото: ЕПА

Се очекува Русија и Иран да потпишат стратегиски договор, додека речиси паралелно со овој настан САД и Ерменија склучија спогодба за меѓусебна стратегиска соработка, што може да има значителни последици на глобалната геополитичка сцена и конкурентноста помеѓу големите сили

САД и Русија склучуваат стратегиски договори со нови сојузници

Крупни потези се влечат на евроазиската геополитичка „шаховска табла“ деновиве со очекуваните стратегиски договори што ги склучуваат светските сили САД и Русија со нови сојузници. За овие поместувања пишуваат и анализираат повеќе реномирани светски медиуми. На пример, се очекува Русија утре да го потпише најавуваниот стратегиски договор со Иран, само три дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Со оваа цел на ум, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан доаѓа во Москва во својата прва официјална посета, каде што негов домаќин ќе биде рускиот претседател.
Натаму, речиси паралелно со овој настан, САД и Ерменија склучија договор за меѓусебна стратегиска соработка, потпишан во Вашингтон, од американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на ерменската дипломатија Арат Мирзојан. Договорот се заснова на заедничката изјава усвоена летоска од двете влади, за плановите за издигнување на меѓусебниот дијалог на ниво на стратегиско партнерство. Во ноември минатата година секретарот на ерменскиот совет за безбедност Армен Григорјан го посети Брисел за да учествува на форумот „Стратегиска иднина на Ерменија“. Тој тогаш рече дека Ерменија размислува да стане неврзана држава.

Страв на Ереван да не остане во безбедносен вакуум

Ерменија формално сè уште е членка на воениот формат на Организацијата на Договорот за колективна безбедност – ОДКБ, под неформално раководство на Руската Федерација. Сепак, минатата година го замрзна своето членство и нејзините претставници повеќе не учествуваат на состаноците на организацијата, додека Ереван само официјално објави дека се согласува со сите декларации што може да бидат усвоени на истите состаноци. Очигледно е дека Ерменија сè уште калкулира и не сака нагло да го прекине воениот сојуз со организацијата, свесен за непредвидливоста на турбулентните и крајно чувствителни настани и процеси не само во Јужен Кавказ туку и на Блискиот Исток. Ерменија не сака да се најде во безбедносен вакуум, без ничиј „безбедносен чадор“. САД сѐ уште се премногу далеку, а Европската Унија е премногу слаба за да обезбеди таков „цврст чадор“, па Ереван пристапува со крајна претпазливост.
Москва, од друга страна, на овој проблем му пристапува прагматично и не врши прекумерен притисок врз Ереван, поаѓајќи, пред сѐ, од фактот што во таа земја, на нејзиниот југ, недалеку од границата со Турција, постои голема руска воздухопловна база – единствена во тој регион.
Важноста на оваа база беше намалена откако Русија, преку воена интервенција на покана на тогашниот сириски претседател Башар Асад, успеа да обезбеди две воени бази во Сирија – поморската во Тартус, наследена од СССР, и новата воздухопловна база Хмеиним, единствената руска база од ваков вид на Блискиот Исток. Сепак, по неодамнешното воено соборување на Асад и доаѓањето на радикалните исламистички сили власт во Дамаск со помош на Турција и Израел (и многу веројатно САД), јасно е дека позицијата на руските воени бази во таа земја стана крајно неизвесна. Тоа прави гореспоменатата руска воздухопловна база во Ерменија да добива на значење, како најблиска до Блискиот Исток доколку се евакуираат двете сириски бази.

Руско-ирански одговор на растечките американски амбиции на Блискиот Исток

Утре во Москва ќе биде потпишан историски договор за заемно стратегиско партнерство. Путин и Пезешкијан ќе разговараат за проширување на соработката меѓу Москва и Техеран, вклучувајќи и „трговија, инвестиции, транспорт, логистика, хуманитарна сфера и актуелни прашања од регионалната и меѓународната агенда“, се наведува во официјалното соопштение на Кремљ.
Договорот, исто така, се очекува да го зацврсти растечкото воено и политичко партнерство меѓу двете нации. Би рекле дека тоа е еден од неговите клучни елементи. Русија не ги крие своите намери да му испорача модерно оружје на Иран, пред сѐ во воздухопловниот сектор, имајќи предвид дека иранските вооружени сили во овој сегмент заостануваат далеку зад своите регионални конкуренти, во поглед на поседување модерни борбени авиони, поради острите меѓународни санкции што му се наметнати на Иран речиси половина век (од Исламската револуција во 1979 година). Слична е и состојбата за прашањето за иранските подморници, каде што Москва исто така гледа простор за билатерална соработка.
Покрај воената сфера, Москва и Техеран имаат намера да ја интензивираат енергетската соработка, како и онаа во однос на транспортните коридори што ги поврзуваат Русија и Централна Азија со Индиски Океан и Персискиот Залив, а понатаму кон т.н. арапскиот свет. Во оваа смисла, особено е забележлив транспортниот коридор Север-Југ, кој се протега од Русија и Касписко Море преку Иран и понатаму на југ – кон Персискиот Залив и иранското пристаниште Чабахар, над кое Индија има концесија. Гореспоменатиот коридор, кој значително ја скратува рутата до Русија и Европа, во однос на поморскиот сообраќај што се одвива преку Суецкиот Канал преку сега исклучително опасното Црвено Море, во контекст на конфликтот на Израел со проиранските сили од Јемен до Појасот Газа и Либан.
Односите меѓу Русија и Иран дополнително се интензивираа по почнувањето на војната во Украина, кога Техеран ѝ ги испорача своите беспилотни летала „шахид“ на Русија.

Русија и Иран ја „ткаат својата мрежа на интереси“ на Блискиот Исток, Израел гледа и своја шанса

Во исто време Русија и Иран очигледно ја започнуваат својата нова игра, т.е. почнуваат да ја „ткаат својата мрежа на интереси“, првенствено на Блискиот Исток, каде што нивното влијание сега е значително намалено по соборувањето на нивниот клучен сојузник Башар Асад во Сирија.
Треба да се земе предвид дека и покрај многубројните политички и медиумски мислења за големото слабеење на Иран како резултат на минатогодишните посреднички конфликти со Израел – иранската „оска на отпор“ сѐ уште е присутна во регионот, иако претрпе голем удар (пред се Хезболах во Либан и Сирија).
Зближувањето меѓу Москва и Пекинг по претстојното потпишување на стратегискиот договор најверојатно ќе го намали воениот притисок врз Иран од САД и Израел. Во таа смисла се смета дека Иран дури и задоцни со потпишувањето на овој договор, со оглед на тоа што новоизбраниот претседател Пезешкијан, на неговата инаугурација, играше на картата на иранското помирување со Западот – првенствено со САД во светлината на очекувана победа на Трамп на изборите. Тој сакаше да ја намали безбедносната тензија на Иран со Израел, но ова е во негов најмал интерес во моментов, добро свесен дека за неколку дена најмоќната земја во светот ќе биде предводена од пријател на Израел.
Ова е шанса што израелското раководство секако не сака да ја пропушти за дополнително да го намали регионалното влијание на Иран и да го отстрани од листата на најголеми закани за опстанокот на државата на Израел. Р.С.