Тврди американски „Њузвик“
Рацијата на имотот на Доналд Трамп на Флорида главно била базирана врз информации од извор на ФБИ што ги идентификувал доверливите документи скриени од поранешниот американски претседател, како и нивната локација, објави „Њузвик“ повикувајќи се на информации од двајца владини функционери упатени во истрагата.
Задржувајќи ја анонимноста за да разговараат за осетливите прашања, тие велат дека рацијата на имотот во Мар-а-лаго била спроведена плански во отсуство на поранешниот претседател.
Одговорните во ФБИ сметале дека со одземање на можноста на Трамп да ја сузбие рацијата би придонело за нејзино спроведување без публицитет, според еден од изворите на „Њузвик“, кој е 30-годишен ветеран од ФБИ. Но обидот за извршување на акцијата во тајност пропаднал и предизвикал остра реакција од републиканците и поддржувачите на Трамп.
– Тие сакаа да го избегнат медиумскиот циркус. Па иако сето тоа имало смисла од бирократска гледна точка и ФБИ стравувало дека документите би можеле да бидат уништени, тие исто така создале бура каква што се обидувале да избегнат, игнорирајќи ги последиците – вели вториот извор што бил брифиран за истрагата и рацијата.
Двајцата владини претставника истакнуваат дека рацијата била закажана без политички мотив, со единствена цел на ФБИ за прибавување на документите од висока доверливост што незаконски биле изнесени од Белата куќа.
– Знам дека има многу шпекулации дека ова е политички прогон, но всушност на дело го претставува и најдоброто и најлошото од бирократијата. Тие сакаа да го нагласат фактот што ова е рутинска законска акција, без политички призвук, а сепак, го добија спротивното – вели соговорникот на американскиот магазин.
Подготовките за акцијата почнале пред неколку недели, но планирањето на датумот и времето биле врз основа на предвиденото враќање на поранешниот претседател на Флорида од неговите резиденции во Њујорк и во Њу Џерси. Згора, претресот бил изведен дискретно со агенти без видливи обележја на ФБИ.
Адвокатката на Трамп која била присутна за време на повеќечасовниот претрес, кажа дека агентите се фокусирале на три простории – спална, канцеларија и соба за складирање, што сугерира дека ФБИ знаело точно каде да пребарува. Трамп посочи дека агентите го отвориле и неговиот личен сеф. Според медиумското известување, од имотот биле однесени од 10 до 15 кутии со документи.