Руските власти денеска оценија дека ситуацијата е „критична“ поради излевањето нафта предизвикано од потонувањето на два танкера меѓу Русија и Крим, каде поради тоа беше прогласена вонредна состојба.
– Ситуацијата е навистина критична. За жал, негативните последици во однос на екологијата се неизбежни – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој ги повика владините органи да вложат „максимални напори“ за отстранување на последиците од излевањето на илјадници тони мазут, меѓу другото, на плажите во југоисточна Русија.
– За жал, во моментов е невозможно да се пресмета обемот на штетата направена врз животната средина, но експертите редовно работат на тоа – додаде Песков.
Лидерот на Крим, украинскиот полуостров анектиран од Русија во 2014 година, Сергеј Аксинов преку Телеграм објави дека прогласил вонредна состојба „поради излевањето на нафтени деривати во теснецот Керч“ што ги поврзува двете територии.
Руското Министерство за транспорт, пак, соопшти дека „сите идентификувани зони на загадување во таа водена област се исчистени“ и дека не е забележано повторено загадување.
Рускиот министер за вонредни ситуации Александар Куренков, сепак, изјави дека се уште постои закана од ново истекување нафта во Црното Море како резултат на потонувањето на танкерот.
На 15 декември, два руски танкера се насукаа во текот на невремето во заливот Керч. Бродовите превезувале 9.200 тони мазут, од кои околу 40 отсто може да се излеат во морето, според руските власти.
Илјадници волонтери се вклучија за да ги исчистат плажите во југозападна Русија, туристичка област каде песокот е покриен со леплив мазут. Сепак, според научниците, нивната опрема е недоволна.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела рече дека ова е „еколошка катастрофа“.