Русија е подготвена да го разгледа предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура – изјави денеска портпарлот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека во моментот нема конкретни планови за разговори помеѓу Русија и Украина.
Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена за секаква форма на дискусии за да се стави крај на нападите врз цивилни објекти.
– Украина продолжува да го одржува својот предлог да не се напаѓа барем цивилните цели. И очекуваме јасен одговор од Москва – посочи вчера Зеленски.
Песков наведе дека Путин вчера се осврнал на сложеноста на темата цивилни цели.
– Односно, кога зборуваме за цивилни инфраструктурни објекти, мора јасно да разликуваме под кои околности овие објекти можат да бидат воена цел, а под кои околности не можат – посочи Песков, цитирајќи ја изјавата на Путин дека цивилен објект може да биде воена цел доколку таму има непријателски борци.
Путин пред Велигден прогласи 30-часовниот прекин на огнот. Но, Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за постојано кршење на велигденскиот прекин на огнот и за непочитување на мораториумот на нападите на енергетската инфраструктура, договорен со американско посредство минатиот месец.