Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија и натаму е заинтересирана за продолжување на преговарачкиот процес со Украина.
-Специјалната воена операција продолжува. Во исто време, Русија го задржува својот интерес за продолжување на преговарачкиот процес со цел да се постигнат целите со кои се соочуваме преку политички и дипломатски средства – рече тој на брифинг за медиумите,одговарајќи на прашањето дали постои контрадикција помеѓу изјавите на Москва за нејзината желба да постигне напредок во преговорите со Украина и нападите врз воените објекти во соседната земја, пренесоа руските медиуми.
Песков рече дека украинските сили продолжуваат да гаѓаат руски инфраструктурни објекти и цивилната инфраструктура.
-Руските вооружени сили, исто така, ги исполнуваат своите задачи; тие продолжуваат да напаѓаат воени и паравоени инфраструктурни објекти. Нападите се успешни, целите се уништуваат – додаде Песков.
Според него, нема договори за воспоставување „воздушен прекин на огнот“ за време на конфликтот во Украина.
-Не се постигнати никакви договори за ова прашање. Сè што може да се преговара во контекст на барање излез од конфликтот треба дискретно да се разгледа – додаде портпаролот на Путин.