Началникот на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД, генерал Марк Мили, оцени дека е „многу амбициозна“ крајната цел на Украина да ги истисне сите руски војници од земјата.
Генерал Мили синоќа изјави дека „целосното протерување на сите Руси ќе биде многу значаен напор. Ќе биде потребно долго време за да се извлечат сите 200.000 или повеќе руски војници од Украина. Тоа е многу голема задача. Ќе треба долго време“.
Иако неговата проценка за крајната цел на Киев беше претпазлива, Мили сакаше да нагласи дека тековната контра-офанзива не „пропадна“, и покрај тоа што беше „побавна од очекуваното, таа беше стабилна“.
– Знам дека има некои коментари дека оваа офанзива некако пропадна. Не успеа – рече Мили, додавајќи дека на Украина „и остана многу борбена моќ“.
Меѓутоа, кога станува збор за веројатноста за постигнување поамбициозни цели како што се ослободување на јужниот брег и повторно заземање на градот Мариупол, Мили кажа дека не сака ништо да предвидува, пренесуваат светските медиуми.
Мили, објави Киев пост, ја бранеше брзината со која САД обезбедуваат оружје и друга помош за Украина од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година. И покрај критиките – вклучително и од Украина – дека американската влада одолговлекува, Мили кажа дека околу 40 милијарди долари во оружје и 100 милијарди долари вкупна помош се „исклучително дарежлива помош“.