Преку својата страница на Фејсбук, косовското регулаторно тело за медиуми објави дека одлуката е донесена „со цел да се спречи пропагандата (од Русија) и да се заштити јавната безбедност во Република Косово“
Независната комисија за медиуми на Косово (КПМ) наложи времено исклучување на сите телевизиски канали по потекло од Русија од косовските телевизиски платформи и побара од медиумите да внимаваат на дезинформациите и лажните вести во врска со ситуацијата во Украина по руската инвазија врз таа држава, јавува МИА.
Преку својата страница на Фејсбук, косовското регулаторно тело за медиуми објави дека одлуката е донесена „со цел да се спречи пропагандата (од Русија) и да се заштити јавната безбедност во Република Косово“.
–КПМ донесе одлука да им наложи на сите оператори за дистрибуција времено да прекинат со пренесување на каналите по потекло од Руската Федерација, со цел да се спречи пропагандата и да се заштити јавната безбедност во Република Косово-се вели во синоќешното соопштение на КПМ.
Косовскиот регулатор нагласува дека одлуката „нема за цел да ги задуши слободата на говор и слободата на медиумите“, туку само да ја спречи руската пропаганда преку медиумите по инвазијата што таа држава ја изврши врз Украина.
Во писмо до косовските медиуми, КПМ порача дека „ го следи медиумското известување за актуелната ситуација во Украина, посебно за програмските содржини кои се нудат преку разни платформи, со посебен акцент на медиумите со потекло и блиски на актуелната власт во Руската Федерација“.
–КПМ ги упатува сите свои лиценцирани субјекти да бидат внимателни при преносот на програмски содржини и да ги преземат потребните дејствија за да го избегнат ширењето на пропаганда и на лажни вести, посебно од медиумите од руско потекло или блиски до актуелната власт во Руската Федерација, која може да дистрибуира програмски содржини кои поттикнуваат јазик на омраза, дезинформации, дискриминација и нетрпеливост со цел да ја оправдаат нивната војна против Украина и кои на еден или на друг начин можат да ги загрозат безбедноста и јавниот ред на Република Косово- се вели во соопштението.