Денеска ќе имаме важна политичка дискусија за едни од главните грижи на европските граѓани – безбедноста и одбраната, при што на Комисијата ќе и дадеме политички насоки за претстојниот одбранбен план, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пред почетокот на денешниот неформален Самит на ЕУ во Копенхаген.
– Дефиниравме девет главни приоритети, а сега доаѓаме до дискусија за конкретните проекти – најважните водечки проекти околу кои треба да ја мобилизираме нашата енергија и да го зголемиме сопствениот одбранбен капацитет – рече Кошта.
Тој нагласи дека ЕК веќе ги промовираше Белата книга за одбраната и програмата Безбедносна акција за Европа (САФЕ) и им овозможи фискален простор на земјите членка да инвестираат повеќе средства во одбраната, а сега подготвува и План со конкретни временски рокови за реализација на различни проекти.
– Секако, нашата безбедност започнува со Украина и поради оваа причина ќе разговараме и за тоа како да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина во нејзината борба за праведен и траен мир и за нашата заедничка безбедност – истакна Кошта.