Фото: „Нова Македонија“

Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во поканата упатена денеска до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел.

– Нашата континуирана поддршка за Украина, потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена – посочува Кошта во поканата.

Во однос на конкурентноста, тој како приоритетни области за нејзино зајакнување ги наведува решителното напредување во поедноставување на процедурите, обезбедувањето енергетска сигурност и создавањето на Унија за штедење и инвестиции.

Покрај овие теми, предвидено е лидерите да расправаат и за подготовката на новата Повеќегодишна финансиска рамка ЕУ за периодот по 2027 година, за миграцијата, пред сѐ за предлозите за поедноставување на постапките за депортација на мигрантите, како и за најновите случувања на Блискиот Исток.

Кошта во поканата најавува дека лидерите в четврток ќе имаат и работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со кога ќе разговараат за мултилатерализмот и други глобални прашања, особено за подготовките на Третата конференција на ОН за океаните и Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот.

– Ќе настојувам да ја завршиме нашата средба во еден ден, но со оглед на неизвесноста околу можните меѓународни случувања, не можам да ја исклучам можноста дека можеби ќе треба да продолжиме и в петок наутро – додава Кошта во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на мартовскиот редовен Европски совет следната недела.