фото: ЕПА

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека Европската Унија мора да извлече поуки од новата американска стратегија за национална безбедност.

– Треба да се фокусираме на градење на Европа која мора да разбере дека односите меѓу сојузниците и сојузите по Втората светска војна се променети – изјави Кошта на настан во Париз.

Кошта остро ги критикуваше тврдењата дека во Европа се цензурира слободата на говор, како и одобрувањето на „растечкото влијание на патриотските европски партии“, како што наведува американската стратегија.

– Она што не можеме да го прифатиме е оваа закана од мешање во политичкиот живот на Европа. Соединетите Американски Држави не можат да ги заменат европските граѓани во одлучувањето кои партии се исправни, а кои погрешни. САД не можат да ја заменат Европа во нејзината визија за слободата на говор – рече тој, додавајќи дека „нашата историја нè научи дека нема слобода на говор без слобода на информирање“.

Кошта го критикуваше влијанието на некои американски технолошки компании, велејќи дека „нема да има слобода на говор доколку слободата на информирање на граѓаните се жртвува за одбрана на технолошките олигарси на САД“.

Кошта, кој е задолжен за постигнување компромиси меѓу лидерите на ЕУ, но и за односите на блокот со меѓународните лидери, ги повика Европејците да продолжат со зајакнување на одбранбените напори, посочува ДПА.

– САД остануваат важен сојузник. САД се важен економски партнер. Но, нашата Европа мора да биде суверена во овој поглед. Ова исто така има последици од гледна точка на нашата безбедност и од воена гледна точка – рече тој.

Кошта изјави дека Европа треба да може да ги замени САД во раководството на НАТО во блиска иднина.

Безбедносната стратегија на САД, исто така, покажува дека интересот на Вашингтон за ставање крај на војната на Русија во Украина не е само праведен и траен мир, туку крај на непријателствата за повторно воспоставување врски со Москва.

Кошта предупреди дека многу европски лидери мислеле дека имаат добри врски со Русија додека војната не ги научила на спротивното.

– Верувам дека никој не може да го игнорира фактот дека не можеме да имаме стабилна врска со Русија, бидејќи Русија останува закана за нашата безбедност – заклучи Кошта.