ОБСЕ не успеа да се договори за кандидат за свој шеф
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не успеа да постигне договор за кандидат што ќе ја води меѓународната организација со седиште во Виена, пренесува ДПА.
Малта го предложила за нов шеф поранешниот албански министер за надворешни работи Игли Хасани, според дипломатски извори. Тој требало да биде дел од пакетот со дипломати од Холандија, Грузија и Норвешка што ги ќе пополнат највисоките места во ОБСЕ, но Русија се спротивставила на пакетот, како што дознава ДПА од дипломатски кругови. А незадоволни биле и Грција и Турција, бидејќи нивните кандидати не биле земени предвид и разгледани.
Функционери на ОБСЕ сега ќе управуваат со организацијата додека не се најде дипломатско решение, откако мандатот на германската дипломатка Хелга Шмид како генерална секретарка заврши без консензус за тоа кој треба да ја наследи, како што објави претставничката на Малта, земјата претседавач со ОБСЕ. Шмид беше назначена за генерална секретарка на ОБСЕ на крајот на 2020 година. Минатиот декември мандатот ѝ беше продолжен до почетокот на септември годинава. Москва не се согласи на подолг период.
Шмид истакна дека ОБСЕ исполнува важни функции и покрај моменталните превирања и внатрешни тензии. Таа нагласи дека организацијата е основана за да ги држи отворени дипломатските канали за комуникација. Дипломатите од сите земји на ОБСЕ, вклучувајќи ги Русија и Украина, се среќаваат во Виена на неделна основа, и покрај војната во Украина.
ОБСЕ е составена од 57 држави од Европа, Северна Америка и Азија. Нејзината главна задача е да ги промовира безбедноста и стабилноста преку дијалог и соработка. Р.С.