Во Ватикан вчера завршија последните подготовки пред почетокот на заседанието на конклавата, на која ќе се избира новиот папа. Систинската капела е подготвена, пожарникарите поставија оџак, благодарение на кој верниците ќе знаат кога ќе биде избран новиот поглавар на Римокатоличката црква
Денеска започнува конклавата, односно собранието на кардинали и гласањето за избор на нов папа. Терминот „конклава“ (изборно собрание на кардиналите) потекнува од латинскиот збор cum clave, т.е. „со клучот или под клучот“, што укажува на „присилна изолација на кардиналите сè додека не се избере нов папа“! Кардиналите се сместија во Санта Марта, а пожарникарите поставија оџак од кој ќе излегува чад – црн чад ако нема избор, а бел чад доколку се избере нов папа.
Систинската капела – подготвена за конклавата
Ватикан ги покажа првите фотографии од тоа како изгледаат подготовките за конклавата. Имено, Систинската капела, која се наоѓа во рамките на Ватиканските музеи, е затворена за посетители од 27 април, а последните подготовки завршија вчера. Во капелата е инсталиран аудиосистем, како и гласачки места со пенкала, тефтер, литургиска книга со псалми и копија од „Ordo rituum conclavis“, текст што ги наведува сите чекори што водат до избор на папа. Секој кардинал има одредено место, а во минатото седиштата биле во боја: црвена за кардиналите избрани од новиот папа и зелена за другите. Фронтална слика од Пјетро Пифети од 1747 година била поставена како декорација за олтарот. За да не се оштети подот во Систинската капела, поставен е подигнат привремен под, кој ги доведува клупите на иста висина како и второто скалило на олтарот. Се состои од дрвени панели со скелет од метални цевки и покриен со тепих и до него се пристапува преку рампа.
Бојата на чадот, првиот знак дека е избран (или, пак, не е избран) нов папа
Традиција е при избор на папа, низ оџакот да проструи црн чад, ако папата сè уште не е избран, или и бел чад кога кардиналите ќе постигнат кворум и ќе го изберат наследникот на папата Франциск. Имено, ако е црно, кардиналите сè уште не се согласиле, бело ако папата е избран.
Но и оџакот и чадот претрпеле промени со текот на времето. Чадот што излегува од оџакот на Систинската капела се создава од гласачките ливчиња што се горат откако ќе се пребројат гласовите. Целта е да се елиминира секоја трага што би можела да доведе до реконструкција на фазите на гласање. За да се добие бел чад, на гласачките ливчиња се додавала влажна слама, но многупати се случувало од оџакот да излегува сив чад, па резултатот не бил многу јасен. По смртта на Јован Павле Втори, Ватикан одлучи дефинитивно да го реши овој проблем. На традиционалната печка што е поставена во Систинската капела, додадена е модерна печка. Натаму, додадена е и втора, уште помодерна печка во 2005 година за да се подобри бојата на чадот. Во втората модерна печка се вметнува полнеж (т.н. кертриџ), долг 25 сантиметри, длабок 15 сантиметри и висок седум сантиметри, кој се состои од пет хемиски полнежи активирани од електронски уред. Секоја активација трае околу една минута, во спротивно би чадело седум минути. Од друга страна, кертриџот што го создава црниот чад содржи калиум перхлорат, антрацен и сулфур. Белиот чад се состои од калиум хлорат, лактоза и смола. Има уште еден чад, со жолта боја, што не е ништо друго освен тест пред самата конклава, кој се користи за да се види дали печките работат правилно. И ќунците сега се загреваат по електричен пат, а за да се отфрли секој сомнеж дали папата навистина е избран, ѕвоната на базиликата „Свети Петар“ силно одѕвонуваат, повикувајќи на радост.
Р.С.
Каде се сместени 133-те кардинали што го избираат новиот папа
Во самиот Ватикан се наоѓа Домус Санктае Мартае, која стана позната за пошироката јавност како Санта Марта, односно резиденцијата каде што папата Франциск избрал да живее наместо апостолската палата, бидејќи, како што изјавил за италијанските медиуми, „ќе морал да оди на психотерапија“ ако живеел таму.
Санта Марта е исто така местото каде што ќе бидат сместени кардиналите за време на конклавата и е изградена токму со намера да биде нивно домаќинство за време на изборот на новиот папа. Има пет ката и се наоѓа јужно од базиликата „Свети Петар“. Папата Јован Павле Втори одлучил оваа зграда да биде посветена на кардиналите и била инаугурирана во 1996 година. Има 105 стана, 26 поедноставни соби за едно лице и еден репрезентативен стан. Едноставни и трезвени средини, но апсолутно функционални и практични за кардиналите, се состојат од спална соба со дрвен кревет, гардеробер, една или две ноќни масички, темен паркет или едноставни тули. Студијата имаат дрвена маса, фотелја, две столчиња, полица за книги, а на ѕидовите има крст или слики од Дева Марија. Бањите содржат туш, мијалник и тоалет. Сите соби имаат климатизација.
Некои од собите, како на пример собата број 201 каде што живеел папата Франциск, имаат мал телевизор. Во собата на папата има само една ламба за читање, крст и неговиот омилен чај за другар. Престојот во Санта Марта обично чини малку во споредба со ватиканските стандарди, околу 20-30 евра на ден, но за време на конклавата сите трошоци ги покрива Светиот Престол и, како што нагласи прес-службата на Ватикан, нема надворешни спонзори за оваа конклава. Собата број 201 е наменета за папите откако ќе бидат избрани на конклавата, кои таму поминуваат неколку дена, но папата Франциск одлучил да живее таму од 2013 година до неговата смрт. Тој сакаше едноставен начин на живот, а не раскош што обично го нуди Ватикан. Р.С.
Од каде доаѓаат 133-те кардинали?
На конклавата, која започнува денес, на 7 мај во 16.30 часот, присуствуваат само членови на Колеџот на кардинали, кои сè уште немаат наполнето 80 години, а тоа е ограничувањето поставено од папата Павле Шести. Денешнава е „најинтернационалната“ конклава досега, 133 кардинали доаѓаат од 71 различна земја – 53 од Европа, 37 Американци (16 од Северна Америка, четворица од Централна Америка и 17 од Јужна Америка), 23 од Азија, 18 од Африка и четворица од Океанија. За првпат ќе гласаат кардинали од 12 земји што никогаш не учествувале во изборот на папа. Најмладиот кардинал Микола Бичок е по потекло од Украина, а богослужи во Австралија и има 45 години, додека најстариот е Карлос Осоро Сиера на 79 години. Сто и осум кардинали беа избрани од самиот папа Франциск.
Наместо 135 кардинали, како што првично се очекуваше, ќе учествуваат 133 кардинали, бидејќи двајца кардинали се повлекоа поради болест. Еден од нив е кардиналот од Валенсија, Антонио Канизарес Љовера, додека начинот на кој ќе гласа сараевскиот кардинал, Винко Пуљиќ, сè уште е непознат. Имено, поранешниот надбискуп на Босна, Пуљиќ, е во многу лоша здравствена состојба и ќе наполни 80 години во септември, но веќе пристигна во Рим и доколку физички не е во можност да оди во Систинската капела, можно е да гласа од соседна просторија. Апостолскиот устав Universi Dominici Gregis, издаден од Јован Павле Втори, им дозволува на кардиналите што не се во можност да гласаат во самата капела да го сторат тоа на друг начин. На секое гласање, тројца кардинални избирачи – наречени инфирмари – имаат задача да ја напуштат Систинската капела и да одат кај болниот кардинал, да го соберат неговиот глас и да го однесат во капелата. Затоа, оваа можност сигурно би го забавила гласањето, но би им овозможила на болните кардинали како Пуљиќ да гласаат.
Р.С.
Безбедносни мерки за време на конклавата
Ватикан, иако е најмалата земја во светот со само 0,44 квадратни километри, е под постојан надзор од 650 камери со висока дефиниција, додека под земја има контролен центар што ги следи сите камери. Иако Швајцарската гарда е позната по своите традиционални униформи, таа е опремена со најмодерно оружје, како и систем против дронови за да не соборува дронови без овластување. За време на конклавата, целата област околу Систинската капела е трансформирана во „блиндирана“ зона. На прозорците се поставени непроѕирни фолии, што го оневозможува гледањето однадвор, со што се штити од можни обиди за шпионажа преку сателити или беспилотни летала. И Санта Марта е подложена на строги безбедносни мерки за да му се гарантира безбедноста на кардиналот. Прозорците се запечатени, а сите средства за комуникација, вклучувајќи телефони, радио, телевизија и интернет, се исклучени и деактивирани, така што кардиналите немаат контакт со надворешниот свет. Исто така, им е забрането да читаат весници. Инсталирани се инструменти што ги оневозможуваат надворешните сигнали и ги неутрализираат сите безжични комуникации, вклучувајќи ви-фи, блутут и мобилни мрежи.
Пред да започне конклавата, специјализирани тимови спроведуваат темелни проверки користејќи детектори и анализатори на спектар за да идентификуваат какви било скриени уреди за слушање или предавање. Секое движење на кардиналите е следено. Во тие денови, тие делат заеднички простории како што се внатрешната капела, просторијата за ручек и неколку салони. Тие средини се посветени на молитви, состаноци и размена на мислења. Со оглед на тоа што на оваа конклава учествуваат дури 133 кардинали, беше потребно целата логистика да се организира за кратко време. Имено, со оглед на тоа што има 105 соби, Ватикан морал да отвори и други блиски згради за кардиналите: Тевтонскиот колеџ, како и други резиденции. Сите кардинали се во строга изолација како што бараат апостолските закони. Ова значи дека на ниту еден кардинал не му е дозволено да има каков било контакт со надворешниот свет. Истото важи и за слугите, готвачите, лекарите, луѓето што се грижат за чистотата и сите тие постојано се подложени на строги безбедносни контроли.
Иако во Систинската капела може да има и други лица што се занимаваат со организациски и литургиски прашања, пред почетокот на гласањето, тие мора да ја напуштат Систинската капела по реченицата „Екстра омнес“, т.е. „Сите надвор“, изговорена од монсињор Диего Равели.
Меѓу нив се лекарите, секретарот на конклавата и персоналот посветен на безбедносните мерки, за да останат само кардиналите. Кардиналот од Индија, Џорџ Џејкоб Ковакад, има задача, со оглед на тоа што е последен, да ги затвори вратите на Систинската капела.
Р.С.
Четири пати дневно гласање сѐ додека не се избере нов папа
Во наредните денови, гласањето ќе се одвива двапати наутро и двапати попладне. По 33-то или 34-то гласање, следува задолжителен втор круг помеѓу двајцата кардинали што добиле најмногу гласови на последното гласање. И во овој случај, мора да се постигне двотретинско мнозинство. Секако, тие двајца кардинали не учествуваат во гласањето.
Повеќето кардинали веруваат дека конклавата ќе трае кратко, помеѓу два и три дена, бидејќи во текот на овие денови имале време да се запознаат, да разговараат, а повеќето од нив биле избрани од папата Франциск. Италијанците веруваат дека дојде време да се избере италијански папа и многу се зборува за кардиналите Пицабали, Паролин и Зупа. Кардиналот Кристобал Лопез Ромеро, надбискуп од Рабат, кога дознал дека се зборува за него како за можен иден папа, изјавил дека ако го изберат на конклавата, ќе избега на Сицилија.
И иако кардинал што е избран за папа може да одбие всушност да стане папа, ова се случува исклучително ретко. Ако се случи тоа, кардиналите мора повторно да гласаат. Иако во католичката традиција може да изгледа како непослушност пред Бога, одбивањето на највисоката функција е можно затоа што тоа што е папа всушност не е награда, туку еден вид крст. Тоа значи „да се биде слуга на божјите слуги“. Катехизмот вели: кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга. Но постои една италијанска поговорка, која вели: „Оној што влегува како папа, излегува како кардинал“, што значи дека претежно оние кардинали за кои многу се зборува пред конклавата и се предвидува дека ќе бидат избрани, на крајот никогаш не се избрани. Р.С.