Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека ќе воведе зголемување на царините на целиот увоз на челик и алуминиум во САД за 25 отсто, покрај постојните давачки и дополнителни реципрочни тарифи што се очекуваат во текот на неделава. Тој, исто така, најави дека ќе воведе пошироки реципрочни тарифи како одговор на царините на земјите што увезуваат стоки од САД

Анализа: Како одекна најавеното зголемување на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп

Најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за увозот на челик и алуминиум во САД поттикнаа глобална дебата за можните ефекти од ваквиот потег, со што се спомнува ризикот од трговска војна на повеќе фронтови поради можните реципрочни мерки од ЕУ. Истовремено се анализираат и причините за ваквата одлука на новоизбраниот американски лидер, за која се смета дека ќе служи и за заштита на националните интереси на САД, како што наведуваат дел од американските медиуми.
Трамп истакна дека ќе воведе зголемување на царините на целиот увоз на челик и алуминиум во САД за 25 отсто, покрај постојните давачки и дополнителни реципрочни тарифи што се очекуваат во текот на неделава, предизвикувајќи подготовка на одговор од страна на трговските партнери. Тој, исто така, најави дека ќе воведе пошироки реципрочни тарифи како одговор на царините на земјите што увезуваат стоки од САД.

Силен одек на најавите на американскиот претседател од страна на трговските партнери на САД

Набргу по ваквите најави, акциите на американските производители на челик и алуминиум скокнаа, додека акциите на европските и азиските производители на челик забележаа пад.
Најголеми увозници на челик од САД се Бразил, Канада и Мексико, по што следуваат Јужна Кореја и Виетнам. Канада, пак, чии екстензивни хидроенергетски ресурси го помагаат нејзиното производство на метали, учествуваше со 79 отсто од примарниот увоз на алуминиум во САД во првите 11 месеци од минатата година.
Американските трговски партнери предупредија дека новите бариери ќе им наштетат на американските производители на автомобили, бродоградители и другите индустрии.
– Австралискиот челик и алуминиум создаваат илјадници добро платени американски работни места и се клучни за нашите заеднички одбранбени интереси – рече австралискиот министер за трговија Дон Фарел.
Во Јужна Кореја, Министерството за индустрија ги повика производителите на челик да разговараат за тоа како да се минимизира влијанието на царините од САД. Американските дестилатори посочија и дека царините за челик исто така можат да ја поттикнат ЕУ да ги зголеми давачките за американското виски.

Трамп очекува царините да ефектуираат буџетски приливи од повеќе
милијарди долари за САД

Тарифите служат за важна цел во економијата. САД често користеа царини за да ги заштитат својата производствена индустрија, земјоделците, технологијата и интересите на националната безбедност, наведува „Си-ен-ен“. Трамп вети дека ќе ги прошири тарифите за три основни цели: да ги зголеми приходите, да ја доведе трговијата во рамнотежа, како и да ги доведе ривалските земји во подредена положба.
Згора, Америка има огромен буџетски дефицит, а Трамп рече дека тарифите ќе го дополнат изгубениот приход. Тој нагласи и дека сака да ги продолжи и да ги прошири даночните мерки воведени во 2017 година за време на првиот мандат. Во главното обраќање на годишниот состанок на Светскиот економски форум минатиот месец, Трамп предвиде дека неговите царини ќе донесат стотици милијарди, а можеби и трилиони долари, во американското Министерство за финансии.
Трамп вообичаено ја критикува американската трговска политика за „субвенционирање“ на странски земји, велејќи дека Америка губи стотици милијарди долари на сметка на соседните држави. Тој го посочува и трговскиот јаз, односно разликата помеѓу извозот и увозот во САД.
А Трамп се закани со царини затоа што тие можат да ги принудат земјите да се откажат од нешто што тој верува дека е во најдобар интерес на Америка.
За време на неговиот прв четиригодишен мандат од 2017 година, Трамп воведе царини од 25 отсто за челик и 10 отсто за алуминиум. Но тој подоцна одобри исклучоци на неколку земји, вклучувајќи ги Канада, Мексико и Австралија, а склучи договори за бесцарински квоти за Бразил, Јужна Кореја и Аргентина, врз основа на обемот пред царината. Неговиот наследник Џо Бајден подоцна преговараше за слични бесцарински квоти за Британија, Јапонија и ЕУ.

Што со „трговското примирје“ помеѓу ЕУ и САД

Европската комисија во понеделникот вети дека ќе реагира на најавите од американскиот претседател за воведување царини од 25 отсто за челик и алуминиум, критикувајќи ги како „незаконски“ и „контрапродуктивни“.
– Со наметнување тарифи, САД би ги оданочувале своите граѓани, ќе ги зголемат трошоците за бизнисот и ќе ја поттикнат инфлацијата. Покрај тоа, тарифите ја зголемуваат економската несигурност и ги нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари – се вели во соопштението на комисијата.
Воведувањето на тарифите најверојатно ќе предизвика жестока реакција од Брисел. Челикот и алуминиумот се во центарот на нерешениот спор меѓу Вашингтон и Брисел, кој датира од 2018 година, кога Трамп воведе царини, кои подоцна беа суспендирани.
Реципрочните царини на ЕУ за виски, мотори и сок од брусница беа паузирани за време на администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден. Се очекува европската страна да стави крај на „примирјето“ наредниот месец.
Означувањето на тарифите како незаконски го отвора патот за ЕУ ​да одговори според нејзиниот вообичаен правилник, вклучувајќи и во Светската трговска организација или со примена на заштитни мерки. Во меѓувреме, Франција веќе го повика Брисел за најавите на Трамп, а германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека ЕУ може да дејствува „во рок од еден час“ доколку Трамп ги исполни своите ветувања за царините. Вчера беше очекувана средба помеѓу потпретседателот на Трамп, Џеј Ди Венс, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на маргината на самитот за вештачката интелигенција во Париз, кој требаше да го одбележи првиот официјален состанок помеѓу двете администрации откако Трамп ја презеде претседателската функција во САД. Е.Р.