На местото на некогашниот нацистички логор Аушвиц-Биркенау попладнево започна комеморацијата по повод 80-годишнината од неговото ослободување. На настанот присуствуваат преживеани од логорот, членови на кралски семејства, како и светски лидери.
Церемонијата започна со слајд-шоу на фотографии од логорот Аушвиц, проследено со музика на германско-еврејскиот композитор Џејмс Сајмон, кој бил убиен во Аушвиц. Атмосферата беше тивка и полна со почит, додека фотографиите ја оживуваа трагичната историја. На екраните се задржа сликата на вагон за транспорт, симболично поставен пред 15 години како потсетник на жртвите.
Обраќањето го започна Мариан Турски, преживеан од Холокаустот, кој топло ги поздрави своите „содружници во оваа беда“, како што ги нарече оние што го преживеале логорот заедно со него.
– Мораме да мислиме и на милионите жртви кои никогаш нема да можат да ни раскажат што доживеале или како се чувствувале – рече 98-годишниот Турски.
Турски ја преживеал младешката траума од Лоџ гетото, а подоцна бил депортиран во Аушвиц, каде неговиот брат и татко биле убиени. Преживеал два „марша на смртта“ и оттогаш неуморно работи на зачувување на историјата, вклучувајќи го и формирањето на Музејот на историјата на полските Евреи во Варшава.
– Апсолутно е разбирливо, па дури и очигледно, дека луѓето, медиумите, се обраќаат на нас, оние што преживеавме, за да ги споделиме нашите сеќавања. Но, сега нè има само малкумина. Речиси никој – потенцираше Турски.
Тој прочита дел од писмо напишано од поетеса, убиена во логорот, кое гласи:
„Одам на едно многу посебно место, станица која е непозната, бидејќи не постои на ниту една карта. Небото над станицата виси како огромен црн капак“.
Тој посочи на актуелниот „огромен пораст на антисемитизмот“ во светот, за кој вели дека е она што доведе до холокаустот пред неколку децении.
Турски додаде: „Да не се плашиме да разговараме за проблемите што ја измачуваат таканаречената последна генерација“.
Церемонијата се одвива во присуство на светски лидери, меѓу кои германскиот канцелар Олаф Шолц, канадскиот премиер Џастин Трудо и британскиот крал Чарлс III, како и македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова.
Инаку, еден од симболите на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и егзекуционен логор Аушвиц е товарен вагон, поставен директно пред главната порта на логорот Аушвиц II-Биркенау.
– Од 2009 година, овој товарен вагон стои на средина на рампата за растоварување во поранешниот логор Биркенау, на местото каде што СС докторите вршеле селекции на депортираните Евреи, насочувајќи ги повеќето од нив кон нивните смртни казни во гасните комори.
Во ваквите товарни вагони, германските нацисти донесоа луѓе овде. Овие вагони ги поврзуваа гетата и скривниците со Местото на смртта – изјави претходно д-р Пјотр М. А. Цивињски, директор на Музејот на Аушвиц, кој исто така ќе има обраќање попладнево.
Овој товарен вагон потекнува од Германија. Помеѓу 1919 и 1925 година, биле произведени повеќе од 120.000 вагони од овој тип. Многу од нив биле користени за депортација на луѓе во Аушвиц, како што потврдуваат документи и архивски фотографии. Товарниот вагон е посветен на сеќавањето на околу 420.000 Евреи од Унгарија, кои биле депортирани во Аушвиц од мај до јули 1944 година. Неговото зачувување било овозможено благодарение на финансиска поддршка од Франк Лоуи, чиј татко, Хуго, бил убиен во логорот.
Вагонот, во кој бил Хуго Лоуи, пристигнал на рампата во Биркенау во мај 1944 година. За време на селекцијата, бил сметан за работоспособен, што значело дека може да ја избегне гасната комора. Но кога одбил да го остави пакетот што содржел религиозни предмети — тефилин и талит — на рампата, СС силите го претепале до смрт.