Колумбија првично се спротивстави на прифаќањето американски авиони што враќаат колумбиски илегални мигранти, но набрзо го промени официјалниот став
Колумбија и САД постигнаа договор за прифаќање на депортираните мигранти Колумбијци, кои се депортираат назад во матичната држава, со американски воени авиони. Претходно официјална Колумбија одби да ги прими назад своите државјани емигранти, но по серијата изјави на претседателот Доналд Трамп, кои вклучуваа високи царини за Колумбија, се премисли. Имено, Колумбија објави дека се согласила со „сите услови на претседателот Трамп“, вклучувајќи и „неограничено прифаќање“ на имигрантите што нелегално влегле во САД, откако претходно два американски воени авиона со депортирани лица беа блокирани да влезат во земјата.
– Ќе продолжиме да примаме Колумбијци што се враќаат како депортирани, гарантирајќи им пристојни услови како граѓани со права – рече министерот за надворешни работи Луис Жилберто Муриљо во телевизиска изјава. Тој додаде дека летовите за депортација на САД се обновени, а колумбискиот претседателски авион се подготвува да помогне во враќањето на граѓаните.
Белата куќа, исто така, се откажа од ставот за воведување тарифи доколку Колумбија не го „исполни овој договор“, додавајќи дека другите казни, вклучувајќи ги и визните санкции и царинските инспекции на колумбиските граѓани и товарни бродови, ќе останат во сила додека не пристигне првиот авион со депортирани Колумбијци.
– Денешните настани јасно му покажуваат на светот дека Америка повторно се почитува. Претседателот Трамп ќе продолжи енергично да го штити суверенитетот на нашата нација и очекува сите други нации во светот целосно да соработуваат во прифаќањето на депортацијата на нивните граѓани што се илегално во САД – се вели во соопштението на Белата куќа.
Најавата го заврши бурниот викенд, кој се закануваше да ги зголеми цените на кафето за американските потрошувачи и да влијае на стотици илјади колумбиски работници. Тоа е, исто така, првпат Трамп да преземе голема акција против друга земја во врска со нејзината имиграциска политика откако ја презеде функцијата минатата недела.
Визните ограничувања особено се важни бидејќи тие обично се резервирани за поединци што извршиле прекршување на човековите права – додека Колумбија е главен сојузник на САД надвор од НАТО и е нејзин најблизок партнер во Јужна Америка со децении.
Конфронтацијата, исто така, ги покажува потенцијалните предизвици со кои се соочуваат другите земји додека се подготвуваат за сузбивање на илегалната имиграција од страна на Трамп – со тоа што новиот претседател веќе размислува за воведување царини кон Канада и Мексико поради граничните прашања.
Се чини дека раната победа над Колумбија ја охрабри Белата куќа за доследно спроведување на политиките на претседателот Трамп.
– Не можете да излезете таму и јавно да ни пркосите на тој начин. Ќе се погрижиме светот да знае дека тие не можат да се извлечат со несериозност и измама – изјави претставник на администрацијата на Трамп за јавноста. Р.С.