Во 2022 година, европските домаќинства заштедиле една осмина од својот приход, покажуваат најновите податоци. Меѓутоа, во која земја луѓето најмногу штедат? Во ЕУ, Германија стигна до првото место на подиумот, со највисока бруто-стапка на заштеда (19,91), Холандија го освои сребрениот медал (19,44), а Луксембург бронзата (18,14)
„Евроњуз бизнис“ направи анализа за тоа во која земја од ЕУ најмногу се штеди
Да се штеди или да не се штеди, тоа е прашањето. Минатата година Европејците избраа да заштедат една осмина од својот приход, покажуваат најновите податоци објавени од Евростат, заводот за статистика на ЕУ. Во 2022 година, домаќинствата во ЕУ во просек заштедиле 12,7 отсто од расположливиот доход, додека стапката за еврозоната била повисока, 13,7 отсто.
Расположливиот приход на домаќинствата е она што домаќинствата го имаат на располагање за трошење и заштеда по оданочување и трансфери, како што е дефинирано од Евростат.
– Ако домаќинствата заработуваат 100 евра, тие трошат 78,30 евра и им остануваат 12,70 евра. Тоа е нормална бројка. Повеќето земји во ЕУ имаат стапка на заштеда на домаќинствата меѓу 10 отсто и 15 отсто – објасни главниот економист во „Астерес“, Силвен Берсингер.
Бројката е многу поголема отколку во САД, каде што жителите заштедиле само 3,4 отсто од својот приход во септември 2023 година, објави „Статиста“.
Германија е европски првак за заштеди
Во ЕУ, Германија стигна до првото место на подиумот со највисока бруто-стапка на заштеда (19,91), Холандија го освои сребрениот медал (19,44), а Луксембург бронзата (18,14).
Две земји се во минус, со негативни стапки на штедење: трошат повеќе отколку што заработуваат. Тоа што го заработуваат не е доволно за финансирање на нивната потрошувачка, па се задолжуваат или користат заштеди што ги акумулирале во минатото. Тие две земји се Полска и Грција.
Сепак, европските домаќинства не можат да се сумираат во еден профил. Постојат големи разлики во однесувањето на штедењето во Европа, „како и кај семејствата“, како што објасни Луиџи Гуисо, истражувач во Центарот за економски и политички истражувања (ЦЕПР).
– Има некои што го трошат сето тоа и некои што заштедуваат голем дел од својот приход, но тешко е да се разбере зошто. Стапките на штедење меѓу земјите се разликуваат масовно, исто како и меѓу семејствата – рече Луиџи Гуисо.
Богатството секако е еден од факторите што ги објаснуваат систематските разлики во стапките на штедење на домаќинствата.
– Гледаме дека земјите со пониски нивоа на приходи се борат да ги задоволат своите потреби и затоа можат да заштедат многу малку – забележа главниот економист во „Астерес“, Дезрингер.
Таков е случајот и во Грција, која доживеа големи економски тешкотии и воведе низа мерки за штедење, намалувајќи го расположливиот приход на домаќинствата.
– Негативната стапка на штедење покажува дека Грците сè уште не излегле од кризата. Од друга страна, земјите со најмногу заштеди имаат тенденција да бидат побогати – истакна Дезрингер.
Некои експерти укажуваат на културните разлики во навиките за штедење. Германците постојано заштедувале повеќе од 8 отсто од расположливиот приход во последните две децении, според податоците на ОЕЦД.
Меѓутоа, Луиџи Гуисо наоѓа граници за ова објаснување. Според него, разлики меѓу Германија и Грција не постојат бидејќи Грците сакаат да трошат сè, а Германците не. Германските стапки на штедење беа ниски пред 20 години.
Стапката на штедење на една земја е под влијание на многу економски варијабли, како што е демографската структура на земјата.
– Младите луѓе имаат тенденција да штедат повеќе од пензионерите, кои имаат помал прилив на приходи – објасни Гуисо.
Враќање на нивоата пред пандемијата
Европејците заштедиле помалку во 2022 година отколку во 2021 година (16,4 отсто), откри и Евростат, овозможувајќи дополнително да се прошири потрошувачката на домаќинствата со враќање на стапката на домаќинствата на нивоата пред пандемијата.
– Тоа ја одразува желбата да се вратиме во нормалниот живот од пред ковид. За време на пандемијата, потрошувачката на домаќинствата на Европејците беше суспендирана додека нивниот приход беше општо зачуван. Тоа предизвика ненормален скок на стапката на штедење низ ЕУ – коментира Хелен Баудшон, економистка во „БНП Парибас“.
Во меѓувреме, 2022 година ја обележи фазата на економско закрепнување, што ја објаснува пониската стапка на штедење во споредба со претходната година.
Сепак, последователните постпандемиски шокови, вклучувајќи ги и руската инвазија на Украина и поврзаните зголемени трошоци за живот, исто така го нарушија однесувањето на штедењето на домаќинствата.
– Економската несигурност веројатно влијае на потрошувачката на домаќинствата и поддржува претпазливо штедење – забележа таа.
Друг фактор што ги мотивира Европејците да штедат наместо да трошат се зголемените каматни стапки. Денес кредитот е поскап, а заштедите се поисплатливи: постои вистински финансиски поттик да ги задржите вашите пари во банка.
Дали ќе се подобри стапката на штедење?
Експертите предвидуваат мала промена во стапките на штедење на домаќинствата за следната година.
– Предвидуваме малку попозитивна приказна следната година. Бидејќи инфлацијата опаѓа и ако ефектите од економските шокови исчезнат, домаќинствата веројатно ќе бидат помалку загрижени за иднината и помалку ќе штедат – рече Баудшон.
Стапката на штедење на домаќинствата или ќе остане иста или ќе се намали.
– Но прогнозирањето значи дека постои можност за грешка, па ајде да разговараме за една година за да видиме дали сме биле во право – додаде таа.