Кон крајот на 2020 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп почнал да спомнува нова идеја пред неговите соработници, дека лично ќе предводи марш кон Капитол Хил претстојниот 6 јануари, пишува „Вашингтон пост“.
Трамп во повеќе наврати го спомнувал ова со клучните советници во Овалниот кабинет, според личност што зборувала со него за ваквата можност. Претседателот им кажал дека сакал драматичен момент, како создаден за телевизија, што би создал притисок врз републиканците да го поддржат неговото барање за отфрлање на резултатите од изборниот колеџ, што покажуваа дека Џо Бајден го победил во претседателската трка, според изворот на американскиот весник.
Ваквата можност била посочена неделава во текот на сведочењето претставено од комитетот на Конгресот што го истражува упадот во Конгресот од 6 јануари 2021 година. Иако доаѓањето на Трамп било спречено од неговото обезбедување, новите докази даваат увид во критичното прашање за сознанијата на тогашниот американски претседател за насилството што се случувало дента на немирите. Трамп и самиот призна дека биле спречени неговите напори за доаѓање до Капитол Хил.
– Тајната служба не ме пушти. Сакав да одам. Толку многу сакав да одам. Тајната служба ми кажа дека не можам да одам. Ќе отидев за минута – кажа Трамп во интервју за „Вашингтон пост“ во април.
Неколкумина од советниците на Трамп се сомневале во сериозноста на неговите намери, при што еден од нив кажал оти претседателот ја истакнувал можноста, но на „шеговит начин“.
Бесцелното планирање на Трамп за придружување на толпата на 6 јануари е базирано врз сведочењето и доказите, како и на исказите на 15 поранешни помошници, претставници на органите на редот и други кои зборуваа анонимно за да откријат интерни детали.
Шефот на персоналот на Белата куќа, Марк Медоус, дискутирал за плановите за одење на Трамп до Конгресот, заедно со Скот Пери и со адвокатот Руди Џулијани, кој ја предводеше кампањата за отфрлање на изборните резултати, според сведочењето на Кесиди Хачинсон, помошничката на Медоус.
– Се сеќавам дека слушнав неколку различни идеи дискутирани помеѓу Марк и Скот Пери, Марк и Руди Џулијани. Знам дека имаше дискусии за тој да има говор пред Капитол, пред да влезе. Знам дека имаше разговор да влезе во Капитол – кажа Хачинсон, сведочејќи под заклетва.
Нејзиното сведоштво беше поддржано и од другите искази во текот на сослушувањето, при што и нејзините адвокати истакнаа оти Хачинсон во потполност стои зад кажаното.
Дел од персоналот во Белата куќа, пак, не знаел за ваквите намери на Трамп.
– Немаше план што да правиме ако Трамп се појавеше. Искрено, мислевме дека тоа нема да се случи – вели помошник на тогашниот потпретседател на САД, Мајк Пенс.
Дента на немирите, кога Трамп бил во претседателскиот автомобил, неговите барања да оди кон Капитол Хил кулминирале со остра размена, според Хачинсон, која посочува оти претседателот мислел дека ќе успее да ја оствари намерата. Но, еден од агентите на тајната служба му кажал на Трамп дека рутата до Капитол Хил не можела да биде обезбедена и оти мора да се вратат во Белата куќа.
– Претседателот имаше многу силен, гневен одговор на таквата забелешка. Кажа нешто како, јас сум претседателот, веднаш носете ме на Капитол – кажа Хачинсон, додавајќи дека Трамп посегнал и по воланот.
Поранешниот американски претседател го негираше нејзиното тврдење, нарекувајќи го „болно и измамничко“. И портпаролот на Трамп, Тејлор Будович, го отфрли сведочењето на Хачинсон.
– Фактот што „Вашингтон пост“ уште се обидува да турка сведоштво од сведок што беше дискредитиран и за кои многумина веруваат дека самиот се инкриминира, што е престап, е потполен срам – кажа Будович.
Тројца агенти што го придружуваа Трамп на 6 јануари негираат дека Трамп посегнал по воланот, според запознаените со нивните искази. Но не спорат оти Трамп бил гневен бидејќи не сакаат да го однесат во Капитол, според „Вашингтон пост“. Тој наводно инсистирал да стигне до протестите, дури и откако автомобилот се вратил во Белата куќа.
Комитетот на Конгресот што го истражува упадот од 6 јануари минатата година одржува низа сослушувања месецов со цел да дојде до одговори за немирите. Комитетот спровел повеќе од илјада разговори во текот на изминатата година, а ги споделува наодите во низата сослушувања што почнаа на 9 јуни. Поддржувачите на Трамп упаднаа во Конгесот во обид да го спречат потврдувањето на резултатите од претседателските избори одржани во 2020 година. Петмина ги загубија животите како последица од немирите, а 140 полицајци беа нападнати од толпата.