Неговите потези кон Македонија не ги оставија рамнодушни Македонците и нивното мислење за актуелниот француски претседател е дека тие не му веруваат! Сите се сеќаваме на неговото „убедливо“ видеообраќање во 2018 година преку социјалните мрежи, во кое ги убедуваше Македонците да гласаат за промена на името на државата и дека ако го направат тоа, повеќе нема да има пречки на патот кон ЕУ! Од оваа временска дистанца, можеме слободно да се запрашаме: За верба ли е ова?!
Во Македонија, мислам дека малобројни се оние што уште можат да му веруваат на францускиот претседател Емануел Макрон. Сите се сеќаваме на неговото „убедливо“ видеообраќање во 2018 година преку социјалните мрежи, во кое ги убедуваше Македонците да гласаат за промена на името на државата и дека ако го направат тоа, повеќе нема да има пречки на патот кон ЕУ! Но само неколку месеци подоцна во 2019 година, истиот тој Макрон ни стави ново вето – прво реформи на ЕУ, а потоа проширување. Во таа избора година за претходниот состав на Европскиот парламент, неговата тогашна министерка за европски прашања Натали Лоазо, на француското радио РТЛ се фалеше дека со часови ги убедувала нејзините европски колеги да не ѝ даваат зелено светло на Македонија за почеток на преговорите, што и се случи. Под патронство на Макрон ни дојде и спакуваниот „француски предлог“, еден ден пред крајот на француското претседавање со ЕУ, кој претходната влада го прифати како услов за промена на Уставот и внесувањето на Бугарите во него. Засега никој – ни експремиерот Ковачевски, ни ексминистерот за надворешни работи Бујар Османи, ни експретседателот Пендаровски не кажаа зошто прифатија таков предлог што не е во интерес на Македонија и Македонците, залажувањата дека започнавме преговори со скринингот се басна за мали деца. Ама тоа му дозволи на Макрон да ликува и да рече дека решил еден проблем на Балканот и го прикажа како успех на француското претседателство. Неговите потези кон Македонија не ги оставија рамнодушни Македонците и нивното мислење за актуелниот француски претседател е дека тие не му веруваат!
Кој може да верува дека Емануел Макрон знае што прави?
Нема да се навраќаме на неговите две дискусии во Сорбона за Европа, кои сигурно ќе останат само дискусии уште долго време. Неговата изјава дека „НАТО е клинички мртво“, а всушност одбраната на Европа, а и на Франција зависи од НАТО и американскиот штит. Но на сите им стана јасно, и особено на Французите, дека Емануел Макрон додека бил во средно училиште и негова професорка по театар била неговата сегашна сопруга Брижит научил убаво да се изразува и да замајува со убави зборови. За време на првиот мандат го споредуваа со питонот Каа од Браќата на Могли, кој успева да ги замае своите соговорници и да им го каже тоа што сакаат да го слушнат, а тој да го направи тоа што го наумил.
Распуштањето на Националното собрание, кое е врховното оружје што му е достапно на претседателот на Франција, е наменето да стави крај на една политичката криза. Откривајќи ја оваа можност во недела навечер, Емануел Макрон како таква ќе ја дефинира убедливата победа на екстремната десница на европските избори. Нема повеќе прибегнување кон паушални изговори за непопуларноста на Брисел; заборавеност, диференцијацијата меѓу националните и европските избори; надежта дека Олимписките игри ќе нѐ натераат да заборавиме на неуспехот на претседателското мнозинство. Со распишување на парламентарните избори на 30 јуни и 7 јули, кога стотици илјади државни службеници планираа да го земат својот одмор за да бидат подготвени и исончани за Олимпијадата во Париз, Макрон барем ќе го постигне изненадувачкиот ефект. Побрзо, повисоко, посилно? Ништо не е помалку сигурно. Се сеќаваме, Жан-Мари Ле Пен беше зелен од бес по ненадејната објава на Жак Ширак, кој распуштањето објавено во мај 1997 година го нарече „изборна измама“, потоа „државен удар“.
Во неделата вечерта, неговата ќерка беше сета насмеана, дури и триумфална: „Ние сме подготвени да ја искористиме власта“, увери Марин Ле Пен, повикувајќи ги Французите да ѝ се придружат „да формираат мнозинство околу РН“. Ова се само зборови, се разбира; или подобро, како што ни објасни драматургот Дејвид Мамет, „тие се само зборови, освен ако не се вистинити“. Зашто, кој би можел да поверува дека „макронијата“ ќе може да спречи победа на екстремната десница и назначувањето на Марин Ле Пен во Матињон? Кој може да верува дека Емануел Макрон знае што прави? Елисејската палата во неделата вечерта објасни дека претседателот се консултирал неколку минути пред објавувањето на неговата одлука со: „неговиот близок чувар“ премиерот Габриел Атал, министрите Бруно Ле Мер, Жералд Дарманин, Себастиен Лекорну, Стефан Сежурне, исто така, како Јаел Браун-Пиве, без присуството на Валери Хејер, неговиот шеф на листата за Европските избори. „Тешкашите“ на Макрон, оние што ја донесоа Франција таму каде што е.
Потежок ќе биде падот
Но на што се надева Емануел Макрон? Малку е веројатно дека Французите радикално ќе го сменат своето мислење за еден месец. Во 96 од 101 департман тие го ставија Националниот собир во водство на европските избори. Дали Макрон би сметал на воздржаните, оние што не гласаа да го сменат трендот на парламентарните избори на 30 јуни и 7 јули? Со распуштањето на Собранието, Макрон рече дека сака „да пишува историја наместо да ја трпи“. Спротивното, сепак, изгледа поверојатно.
– Ја слушнав вашата порака, вашите грижи, нема да ги оставам без одговор – додаде тој, сигурен во себе. Секогаш зборови и ветувања… Французите не се залажуваат, веќе не го слушаат.
Зошто Емануел Макрон сега би бил полуциден кога, седум години, тој опстојуваше да импровизира политика на „истовремено“ често неразбирлива и неефикасна? Тој што се постави како бедем против РН (крајната десница) стана нејзин најдобар промотор. Заборавајќи дека Французите не гласаа на двапати за него, туку против Марин Ле Пен, особено оние што се симпатизери на левицата. Но тој води политика за да ја задоволи десницата, и тоа онаа крајната. Поради тоа што не дејствува јасно и брзо против имиграцијата, деликвенцијата, распаѓањето на власта…
Затоа тешко може да се верува дека создавањето „републикански фронт“, калдрмање сојузи во последен момент, повлекување санитарен кордон, поместување лево, движење надесно, ќе го спаси образот на претседателскиот табор. Тоа се случи на двапати во изминатите седум години и еднаш во 2002.
Што се однесува до стереотипниот дискурс за „екстремната десница“, кој вели дека таа ќе доведи „до осиромашување на Французите и понижување на Франција“, тој одекнува во вакуум бидејќи билансот на неговиот автор не е подобро оценет. РН на Марин Ле Пен повеќе не се гледа како ФН (Националниот фронт) на Жан-Мари Ле Пен. Во Орадур-сур-Глен, каде што Емануел Макрон овој понеделник го прослави споменот на селаните жртви на нацизмот, Џордан Бардела, убедливиот победник на гласањето, собра речиси трипати повеќе гласови од Валери Хаер!
Повикувајќи ги на законодавни избори како дополнителна сесија, Емануел Макрон изгледа им вели на Французите: „Имам доверба во вас“ за да го сменат мислењето. Но дали Французите сѐ уште имаат доверба во него? Три години пред крајот на неговиот мандат, тој презема огромен ризик. Колку тежок ќе биде падот…?
На патот кон овие неочекувани, но многу клучни избори, француската левица и републиканци мора да станат свесни за својата историска улога: да ги уверат Французите, како и нивните републикански предци, дека фашизмот нема да помине.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур