Лидерот на бунтовниците што презедоа контрола врз Сирија по насилното соборување на претседателот Башар ал Асад од власт, Ахмед ал-Шара, во изминатите две децении не го користеше своето вистинско име, туку војуваше како џихадистички милитант под псевдонимот Абу Мохамед ал-Џолани. Тој е означен како терорист од страна на официјален Вашингтон и Лондон, а и од други држави, и за него има распишано потерница вредна 10 милиони долари, но наводно навестува отфрлање на џихадистичкото минато заради можна соработка со Западот
СИРИЈА ВО КОЛАПС: ХАОС, КРИМИНАЛ, МИЛИОНИ БЕГАЛЦИ…
Од џамијата „Умајад“ во сирискиот главен град Дамаск во неделата, на 8 декември, Ахмед ал-Шара им се обрати на сириската нација и на светот, опишувајќи го падот од власт на досегашниот претседател Башар ал Асад како „победа за исламската нација“.
– Ја напуштив оваа земја пред повеќе од 20 години и моето срце копнееше по овој момент. Седете тивко, браќа мои, и спомнете си на семоќниот Бог – кажа Ахмед ал-Шара, лидерот на бунтовниците што ја презедоа контролата врз Сирија преку насилна промена на власта на Асад.
Ал-Шара во изминатите две децении не го користеше своето вистинско име, туку војуваше како џихадистички милитант под псевдонимот Абу Мохамед ал-Џолани. Тој заедно со џихадистите се бореше против американските војници во Ирак помеѓу 2003 и 2006 година, а потоа беше затворен таму пет години. Џолани исто така се врати во Сирија во 2011 година за да игра важна улога во воените активности на озлогласените терористички организации – Исламската држава (ИД), а потоа и Ал каеда.
Токму Џолани ја презеде исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и од 2017 година ја наметна својата власт врз два милиона луѓе во северозападната сириска енклава Идлиб. Минатиот месец Џолани ја поведе бунтовничка коалиција, во која доминираше ХТС, во нејзината 12-дневна воена кампања, која заврши во неделата во Дамаск.
Прашањето сега е кој „човек“ ќе владее со Сирија: Џолани, кој е означен како терорист од САД, Обединетото Кралство и други држави и за кого има распишано потерница вредна 10 милиони долари, или Ал-Шара, кој наводно навестува отфрлање на џихадистичкото минато заради можна соработка со Западот.
Многумина аналитичари велат дека одлуката на Ал-Шара да влезе во Дамаск за да го отфрли псевдонимот е меѓу многуте показатели што сугерираат дека транзицијата од џихадистички екстремизам кон нешто поумерено е вистинита, како што пренесуваат западните медиуми.
– Во Алепо, првиот град што беше заземен од бунтовничката коалиција во офанзива минатиот месец, ХТС понуди амнестија на пешадиските војници на поранешната власт, ги уверуваше христијаните дека нема да бидат повредени и испрати порака до Курдите велејќи „различноста е сила со која сме горди“ – пишува британски „Гардијан“.
Се наведува дека самиот Ал-Шара ги водел дипломатските напори да ги придобие исмаилиските шиитски водачи и да обезбеди поддршка во клучни градови, без загуби за бунтовниците.
Но, наводната промена не се смета за ненадејна бидејќи Ал-Шара дури и претходно се сврте против Ал каеда и ИД, борејќи се против нивните милитанти и сурово „чистејќи“ ја својата група од сите чија лојалност била доведена во прашање.
Некои од аналитичарите, пак, веруваат дека одредени високи водачи на ХТС и најрадикалните борци на групата, меѓу кои се и централноазиските ветерани екстремисти, остануваат посветени на „основната џихадистичка идеологија“. Тие сметаат дека секоја „новоформирана умереност“ е тактика за прикривање на радикалните долгорочни амбиции, како локални така и глобални, на долг рок, и тие предупредуваат дека ниту западните ниту регионалните сили не треба да го спуштат гардот против милитантите што презедоа контрола врз Сирија.
– Земјата е хаос. Нема економија, нема пари. Има криминал, сиромаштија, милиони бегалци што сакаат да се вратат. Сега сите се среќни, но порано или подоцна се плашам дека тој ќе се врати на својот облик на исламот – вели Хусаин Абдул-Хусеин, експерт во Фондацијата за одбрана на демократијата со седиште во Вашингтон.
Ал-Шара, пак, во изјава за Си-ен-ен упати порака до скептиците и до поддржувачите.
– Не судете според зборовите, туку според делата – порача водачот на сириските бунтовници. Р.С.
Западот бара начини за контакт со бунтовниците
Во меѓувреме администрацијата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден бара начини да стапи во контакт со сириските бунтовнички групи што го соборија сирискиот претседател Башар ал-Асад и им се обраќа на партнерите во регионот, како Турција, за помош во започнувањето неформална дипломатија, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, додавајќи дека Вашингтон има неколку начини да комуницира со различни групи во Сирија. Американските и британските власти ја разгледуваат можноста за бришење на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) од листата на терористички организации, откако групата одигра клучна улога во соборувањето на сириската влада под претседателот Башар ал Асад, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на анонимни извори од американската администрација. Р.С.
Башар ал Асад доби азил во Москва
Соборениот сириски претседател Башар ал Асад со членовите на неговото семејство е во Москва откако доби азил од Русија. Одлуката за давање политички азил на соборениот сириски претседател Башар ал Асад и неговото семејство ја донел претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Башар ал Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, откако го наследи неговиот татко Хафиз ал Асад, кој, пак, ја извршуваше претседателската функција од 1971 година до својата смрт. Р.С.
Израел ги проширува воените активности во Сирија
Израелската армија e на околу 25 километри југозападно од Дамаск пo нејзиниот упад во Сирија, соопштија вчера сириски безбедносни извори, откако Израел зазеде тампон-зона на југот на земјата и изврши воздушни напади врз сириската армија и воздушните бази во текот на ноќта.
Воената операција на Израел во Сирија следува два дена откако бунтовничката алијанса брзо го собори претседателот Башар ал Асад и во време кога регионот и светските сили се загрижени за понатамошниот развој на ситуацијата. Израелските власти соопштија дека нема да се вклучат во сирискиот конфликт и дека навлегувањето во тампон-зоната е одбранбен чин. Египет, Катар и Саудиска Арабија го осудија упадот. Р.С.