Лидерот на партијата Тиса, Петер Маѓар, стана новото политичко лице на Унгарија откако на парламентарните избори убедливо го порази Виктор Орбан и стави крај на неговата 16-годишна власт, пишува „Си-ен-ен“.

Маѓар израснал во периодот на демократската транзиција во Унгарија, а како млад дури имал постер од Орбан – тогаш либерален антикомунист – на ѕидот од својата соба. Денес, токму тој е човекот кој ја прекина неговата долга политичка доминација.
До пред само две години, Маѓар бил дел од владејачката партија Фидес, но по низа политички потреси и внатрешни несогласувања ја напуштил структурата и започнал сопствен политички пат.
Во јавноста силно одекна неговото појавување по скандалот со помилувањето на лице осудено за прикривање злоупотреба во дом за деца – случај што доведе до оставки на тогашната претседателка Каталин Новак и министерката за правда Јудит Варга, која воедно е и поранешна сопруга на Маѓар.

Во интервју за унгарски медиум, Маѓар остро ја критикуваше власта, обвинувајќи дека „неколку семејства поседуваат половина од државата“ и дека зад политичката реторика се крие систем на моќ и акумулација на богатство.

Борбата против корупцијата беше централна тема во неговата кампања, заедно со економијата, здравството и животниот стандард. Маѓар најави и промена во надворешната политика – враќање кон Западот, намалување на зависноста од руска енергија до 2035 година и отклучување на замрзнатите фондови од ЕУ.
– Првиот ден мора да донесеме антикорупциски мерки и да поднесеме барање за приклучување кон Европското обвинителство – изјави Маѓар по гласањето.

Роден во 1981 година во семејство на адвокати, Маѓар студирал право и работел во дипломатскиот сектор, како и во државната банка и агенцијата за студентски кредити. Со поранешната сопруга има три сина.
За себе вели дека е религиозен, сака да готви и да игра фудбал со пријателите и децата. На прашањето како се променил со влегувањето во политиката, кратко одговорил: „Сега бројам до 10.“
Со оваа победа, Маѓар се позиционира како клучна фигура во новата политичка ера на Унгарија.
Дел од атмосферата по прославата за победата на Тиса во Будимпешта. Куса снимка од локалното метро































