Низ диоптријата на светските медиуми: Осврт кон изборот (на Трамп) за носител на функцијата потпретседател на САД да биде сенаторот од Охајо Џеј-Ди Венс
Најавата на сега веќе официјалниот претседателски кандидат на Републиканската партија во САД, Доналд Трамп, за изборот за носител на функцијата на неговиот потпретседател (потпретседател на САД во случај на победа на Трамп на есенските избори), односно објавувањето на сенаторот од Охајо Џеј-Ди Венс предизвика големо внимание низ целиот свет. Објавата на тоа име предизвика загриженост не само кај членовите на Демократската партија во САД туку и кај нивните симпатизери. Но, секако, според пишувањата на светските и европските медиуми, најголемата и најдлабока загриженост е присутна во Брисел, односно во Киев. Зошто?
Како се толкуваат политиките на потенцијалниот потпретседател на САД и зошто толкава загриженост во официјален Вашингтон, Брисел и Киев?
За оваа загриженост пишува и реномираниот медиум „Политико“. Имено, според медиумот, „голем дел од Европа веќе беше во паника поради вториот мандат на Доналд Трамп како претседател, загрижени дека САД ќе ја прекинат помошта за Украина доколку тој победи во ноември“. Имено, 39-годишниот сенатор од Охајо е еден од најизолационистичките членови на Републиканската партија. Тој силно се противи на поголема помош за Украина и го осуди она што го гледа како прекумерна зависност на Европа од САД за воени инвестиции. Извор на „Политико“, кој имал својство на „висок функционер на ЕУ и кој сакал да остане анонимен“, пред неколку дена изјавил дека назначувањето на Венс е „катастрофа“ за Украина – а со тоа и за Европската Унија, која го поддржа Киев во воениот судир со Русија. Венс одигра централна улога во напорите да се отфрли нацрт-законот за помош за Украина на почетокот од годинава во Сенатот. Тој во таквиот напор не успеа, но во јавноста остана запаметена неговата изјава: „Можевме многу јасно да им дадеме на знаење на Европа и на остатокот од светот дека Америка не може бескрајно да пишува бланко чекови!“
Натаму, нервоза во Брисел предизвикуваат и протекционистичките ставови на Венс, кои имаат потенцијал да ги загрозат трговските односи на Европа со САД. Сенаторот од Охајо е жесток бранител на американското производство и се залага за царини за увоз.
Во обемно интервју за медиумот „Политико“, направено за време на минхенската безбедносна конференција во февруари, Венс (кој беше некогашен огнен критичар на Трамп),ги понуди своите размислувања зошто Америка не треба да ѝ помогне на Украина.
– Едноставно немаме производствен капацитет за да одржуваме копнена војна во Источна Европа на неодредено време. И мислам дека е должност на лидерите да го артикулираат тоа пред своето население. Колку долго се очекува да трае ова? Колку се очекува да чини? И уште поважно, како всушност треба да го произведеме оружјето потребно за поддршка на Украинците – рече Венс.
На своето прво појавување на меѓународна конференција на високо ниво во февруари, Венс го прескокна состанокот меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба и двопартиска група сенатори на маргините на собирот .
– Не мислев дека ќе научам нешто ново – изјави тогаш сенаторот Венс за медиумите.
Надворешната политика на Венс е во стилот на Трамп, со многу критики до Европа и НАТО
Многу нешта за односот на Венс кон Европа открива неговиот говор пред Сенатот во април годинава. Тогаш сенаторот Венс ја обвини Европа дека не троши доволно за одбрана.
– Три години Европејците ни кажуваат дека Владимир Путин е егзистенцијална закана за Европа. И три години не успеаја да дадат одговор и аргументи дека тоа навистина е така – рече тој, конкретно повикувајќи се на Германија дека не троши два отсто од својот БДП за одбрана – сума на која членките на НАТО се согласија како заедничка цел.
Според анализите во медиумите, се очекува „Венс да се залага за внатрешен економски пресврт и да се заложи против Кина ако биде избран за потпретседател на САД“. Според медиумите, Венс во тоа својство на потпретседател ќе претставува „уште една главоболка за Брисел, додека ЕУ се обидува да ги поправи нарушените трговски односи меѓу Брисел и Вашингтон“. Во медиумите се констатира и дека „ако Трамп-Венс извојуваат победа, новата администрација најверојатно ќе ја охрабри Европа да се приближи до позициите на САД за Кина“.
– Ќе видите многу поагресивен пристап за заштита на домашните производители“ доколку Трамп победи на втор мандат – изјави Венс за јавноста изминатиов период, додавајќи дека тој секако мисли оти треба да се биде многу поагресивни во примената на царините за цела низа индустрии.
За време на претседателствувањето на Доналд Трамп, тој воведе царини за европскиот увоз на челик и алуминиум и вети дека повторно ќе ја заштити американската индустрија доколку биде реизбран. Трамп го истакна успехот на Венс во заштитата на американските работници токму при објавувањето на неговиот избор во понеделникот. Р.С.