Марин Ле Пен пристигнува во судот / Фото: ЕПА

Пратениците на Националниот фронт (ФН) навистина очекуваа тежок обвинителен акт на обвинителството против нив и против Ле Пен, а обвинението се покажа како уште побезмилосно. На пример, јавниот обвинител побара затворска казна од пет години против Марин Ле Пен (постоеше ризик и за десет), од кои две години за издржување, во пакет со казна конвертибилна со електронска белезица, парична казна од 30.000 евра и пет години затворска казна со инстантно извршување, односно што се применува веднаш, дури и во случај на жалба

Судскиот случај против Марин Ле Пен и нејзиниот Национален фронт во фокусот на јавноста во Франција

Обвинителството, преку обвинителите Луиз Нејтон и Николас Барет, во „случајот против лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен“ побара пет години затвор, од кои три условни, како и забрана од пет години за вршење јавна функција – казна што веднаш станува извршна! Ваквата висока казна за лидерката на француската десница и двапати во „фотофиниш“ на претседателските избори во Франција е поради тоа што обвинителството сметаше дека „Ле Пен има централна улога во афера за проневера на фондови на Европската Унија“. Притоа се побарани затворски казни, како и забрани да бидат избрани на јавни функции за уште дваесет и четворица други обвинети.
Пратениците на Националниот фронт (ФН) навистина очекуваа тежок обвинителен акт на обвинителството против нив и против Ле Пен, но обвинението се покажа како уште побезмилосно. На пример, јавниот обвинител побара затворска казна од пет години против Марин Ле Пен, таа ризикуваше десет, од кои две години за издржување, казна конвертибилна со електронска белезица, парична казна од 30.000 евра и пет години затворска казна со извршување без одложување, односно што се применува веднаш, дури и во случај на жалба.
По девет часа, при завршниот збор од обвинението, обвинителите Луиз Нејтон и Николас Барет исто така повикаа на затворски казни за уште дваесет и четворица обвинети, со многу остри зборови, високи парични казни и забрани да бидат избрани на функции, секогаш придружени со привремено извршување.
– Единственото нешто што го интересираше обвинителството беше Марин Ле Пен, да може да побара нејзино исклучување од политичкиот живот – протестираше пратеничката од Па-де-Кале по напуштањето на рочиштето, гледајќи во барањата на обвинителството и силна политички мотивирана желба за „пропаст на партијата“.
Поранешната претседателка на РН повторно ја осуди „желбата на обвинителството да ги лиши Французите од можноста да гласаат за кого сакаат“. Реално, ова не треба да влијае на кандидатурата на Марин Ле Пен во 2027 година, освен во однос на имиџот, дури и ако судот го следи јавното обвинителство.
Одлуката на Уставниот совет од 22 октомври 2009 година за сенаторот Гастон Флос утврди дека привременото извршување не е наметнато на актуелниот мандат на пратениците, а забраната за избирање се применува само по одлуката за конечна вина, по жалбата отфрлена од Судот за касација (Врховниот суд). Одлука потврдена во 2021 година за сенаторот Жан-Ноел Герини и во 2022 година за пратеникот Мишел Фанже. Со оглед на вообичаените рокови за жалба и касација, конечната одлука за Ле Пен најверојатно нема да стигне пред претседателските избори.

„Создадена машина за финансирање преку прекршување на правилата“

Ова е случај и со Жулиен Одул, пратеник од Јон, чиј „договор ги комбинира речиси сите пороци“ и „кој дојде на рочиштето да каже речиси сè“. Против него или Тимоти Хусин, избран во Еуре, за кого обвинителството бара иста казна, но со само 10 илјади евра, беа потребни десет месеци условна затворска казна, парична казна од 20 илјади евра и едногодишна забрана за избор на јавна функција со привремено извршување.
Останува да се види дали јуриспруденцијата на Уставниот совет важи и за двата европратеника, Кетрин Грисет, против која е побарана условна казна од осумнаесет месеци условна казна, парична казна од 50.000 евра и две години забрана за избор, и Николас Беј, шест месеци казна затвор, дванаесет условно, 30.000 евра и три години забана за избор, особено за фабрикување лажно досие.
Од друга страна, привременото извршување ќе се применува веднаш за локалните избрани функционери. Особено за Луис Алиот, градоначалникот на Перпињан, за кого се побарани шестмесечна казна затвор, дванаесет месеци условно, казна од 30.000 и забрана од три години за избор на јавна функција, сè уште со привремено извршување. Таков е случајот и со асистентите Лоран Салс, општински советник на Суренес (От де Сен), Жералд Жерин, регионален советник на Прованса-Алпи-Азурен Брег, Милен Трошчински, регионален советник на От де Франс, или Валеран де Сен Жус, регионален советник на Ил-де-Франс, против кого се бараше казна од една година затвор, условна казна од две години, парична казна од 200.000 евра и забрана од пет години за избор на јавна функција, со привремено извршување. Обвинителите веруваат дека Де Сен Жус, партискиот благајник, бил „дизајнерот на системот“ на проневера.
Обвинителката Луиз Нејтон ја подвлече „апсолутно невидената страна на оваа афера, по нејзиниот размер, кој се брои во милиони евра, петнаесет пати повеќе од аферата со МоДем (другата француска партија чии лидери исто така беа судени за проневера на европски пари); нејзиното траење, кое се протега над дванаесет години, три законодавни тела и веројатно дури и порано; и нејзиниот организиран системски карактер.
– Тоа е вистинска воена машина, управувана од партиското раководство, за финансирање на ФН и нејзиниот раст, прекршувајќи ги основните правила. Европскиот парламент беше нивната „млечна крава“. Овој длабок и траен напад на правилата на демократската игра бара примерен одговор – нагласи обвинителот.

Законот (треба да) е ист за сите

Марин Ле Пен за обвинението не е само авторка на делата, за ангажирање четворица фиктивни асистенти, туку пред сѐ „соучесничка што давала поттик“, како тогашна претседателка на ФН.
– Таа е во срцето на одлуката, таа има централна улога – инсистираше обвинителот Николас Барет.
И „имаше директен интерес од главните одговорни луѓе и лично збогатување на блиските“, продолжи Луиз Нејтон, „да се одржи удобен начин на живот за пријателите на Марин Ле Пен, 4.000-5.000 евра месечно за нејзината сестра, нејзината верна секретарка и амбициозните млади луѓе што ѝ дозволија да задржи блиска стража“.
Сè уште ќе биде неопходно да се земе предвид „намерното, привидно, претпоставено непочитување од страна на обвинетите за време на истрагата и на сослушувањето. За презирот кон јавните средства што доаѓаат од џебовите на сопствените гласачи воопшто не им е грижа“, тврдеше обвинителот. Николас Барет, од своја страна, се обиде, без илузии, да им го објасни значењето на барањата на обвинителството.
– Дали судската власт треба да одговара за нејзините ефекти во демократскиот живот? Не. Таа само набљудува криминално однесување, законот е ист за сите. А казните за забрана за избирање ги изрече законодавецот, кој имал намера да ги направи свети – истакна обвинителот.
Тој исто така смета дека е неопходно привремено извршување, „за спречување рецидивизам и санација на демократскиот живот“.
– Зарем ризикот од повторување на делата не би бил значителен – запраша обвинителот.
Делата се повторуваа 146 месеци, запреа само поради истрагата на Европскиот парламент. Обвинителството побара партијата, правно лице, да биде казнета со 4,3 милиони евра (т.е. точниот износ на нејзината сегашна каса), од кои 2,3 милиони суспендирани и конфискација на веќе запленетите милиони евра. Следната недела завршниот збор го има одбраната.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур