На социјалните мрежи се појавија видеоснимки од наводните диверзанти/Фото: Принтскрин

Краткиот оружен упад во руско погранично село од саботери што тврдеа дека се борат за Украина, вчера резултираше со итен одговор од Кремљ, а го наведе рускиот претседател Владимир Путин да откаже патување и да го свика советот за безбедност, пишува „Њујорк тајмс“.

Случувањата веднаш беа проследени со спротивставени тврдења, а руските власти вчера соопштија дека групата е потисната назад во Украина. Путин, пак, го окарактеризира инцидентот како терористички напад. Гувернерот на регионот Брјанск, каде што се случил упадот, на Телеграм, напиша дека украинските саботери отвориле оган врз автомобил во движење, при што убиле двајца цивили и раниле дете.

Рускиот доброволен корпус (РДК), што се спротивставува на властите во Москва, вчера тврдеше дека накратко имал контрола врз селото Љубичане во Брјанск, близу североисточната граница со Украина. Не е јасно дали екстремно десничарската група чиј лидер е во егзил, дејствува со одобрување од украинската влада, како што тврди, иако нејзините членови досега се бореле против руските сили. Тие преку Телеграм истакнаа дека „дошле во Брјанск за да им покажат на сонародниците оти има надеж, дека слободниот руски народ со оружје може да се бори против режимот“.

– Се чини дека една издвоена група имала корист од упадот, а тоа е Рускиот доброволен корпус. Телеграм е нивното примарно средство за комуникација, каде што тие за еден ден го удвостручија бројот на следбеници, од 16 на 33 лјади – вели Мајкл Колборн од истражувачката новинска агенција „Белингкет“.

Руските државни медиуми првично тврдеа дека саботерите земале шест заложници, за потоа да ја демантираат таквата информација. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека биле преземени сите мерки за ликвидација на терористите. А руски ТАСС објави дека групата ја напуштила Русија во попладневните часови.

Украина досега се држеше до стратешка таинственост за прекуграничните напади, по кои нејзините власти испраќаа двосмислени пораки. А последниот упад го припишаа на руски внатрешни превирања.