Фото: Принтскрин

Родовата еднаквост и зајакнувањето на жените се предуслов за превенција и решавање на конфликтите, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас на настанот на одбележувањето на 25-годишнината од усвојување на Резолуцијата на 1325 на ОН – Жени, мир и безбедност”. Тој посочи дека Европската Унија е партнер на земјава, но и на сите останати во Западен Балкан во процесите на зајакнување на родово одговорното управување и нагласи дека кога жените водат, мирот трае.

Евроамбасадорот, Михалис Рокас истакна дека вредностите за кои се говори денеска се суштината на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и додаде дека пред 25 години Резолуцијата на 1325 на ОН дала глас на едноставната вистина – женското лидерство е клучно за постигнување на праведен и траен мир.

Рокас истакна дека оваа годишнина е можност да се оддаде почит на досегашните достигнувања, но и да се посочи на начините за движење на работите во посакуваниот правец.

-Доколку на работите погледнеме глобално сликата е мешана, но би рекол дека прогресот е просечен, бидејќи од една страна имаме над сто земји кои усвоиле национални акциски планови за мирот и безедноста на жените, исто така имаме таргет од минимум 15 проценти за финансирање на родовата еднаквост и градење на мирот и ова е препознатлив бенчмарк, но од друга страна многу ветувања и заложби направени во 2000 остануваат неисполнети, насилството врз жените во конфликтите се зголемува, а фондовите за родовата еднаквост и мировните процеси се под прагот – рече Рокас.

Евроамбасадорот додаде дека изминатите години само еден преговарачки процес вклучувал жени на преговарачката маса, четири пати повеќе жени и девојчиња се убиени во конфликти, во споредба со претходните три години, а во исто време глобалните воени трошоци се зголемени за 9,4 проценти, додека финансирањето на родовата еднаквост остана само мал дел.

Затоа, додаде тој, она за што се залага Резолуцијата треба да оди над инклузијата, потребно е да се бара вистинска трансформација на институциите, на структурите на моќ и на начините на кои се гради мирот, со целосно учество на жените во мировните процеси, зајакнување на механизмите за справување со оние кои се одговорни за насилството врз жените, зајакнување на заштитата на оние кои го градат мирот и на активистите кои се борат за заштита на човековите права, интеграција на принципите на оваа агенда во законите и буџетите, унапредувње на економското зајакнување на жените.

Рокас истакна дека земјава направила значителни чекори во насока на усогласување со Резолуцијата, но останатите меѓународни принципи, преку усвојување на првиот Националниот акциски план во 2013, вториот Национален акциски план 2020-2025, со кој се продлабочиле активностите, а тука ги спомена и активностите на Министерството за одбрана во таа насока.

Раководителката на Канцеларијата на UN Women, Весна Ивановиќ-Кастаред посочи дека кога за првпат била усвоена резолуцијата било препознаено дека жените се непропорционално погодени како жртви од конфликтите. Резолуцијата, како што посочи, ги повикува сите општествени чинители да се зголеми учеството на жените во мировните и преговарачките процеси.

– Сепак, ветувањето останува недовршено и неисполнето до крај. Сведоци сме на конфликти што се случуваат во моментот и досега разговараме во моментов жени страдаат и умираат. Во конфликт, посебните потреби на жените се посебно изразени. Премалку мировни мисии ги вклучуваат жените како носители на одлуки, многу малку национални акциски планови се финасирани глобално. Оваа годишнина не е само јубилеј којшто треба да се обележи, туку тоа е повик на акција – да се заштитат човековите права на жените, да се бориме против сите форми на насилство врз жените, да обезбедиме целосно активно учество на жените во сите мировни и безбедносни процеси, да ги спроведеме обврските од Агендата „Жени, мир и безбедност“, не со зборови, туку со дела и да ја прилагодиме Агендата на глобалните предизвици и секојдневно да се бориме против родовите стереотипи – рече Ивановиќ-Кастаред.

По повод јубилејот беше промовирана и поштенска марка на која е прикажана жена која стои исправено и пушта бел гулаб кој слободно се издигнува кон небото. Колоритните сино-жолти нијанси ја претставуваат нежноста, но и трајната сила на жените кои водат, штитат и градат заедници дури и во времиња на неизвесност.