Смртната казна извршена врз иранско-британскиот државјанин Алиреза Акбари е „варварски чин“ кој „нема да остане без одговор“, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, откако Техеран објави дека Акбари е погубен.
– Лондон „ќе го покани иранскиот вршител на должноста за да му ја пренесе нашата огорченост – додаде Клеверли.
Агенцијата на иранската судска управа Мизан преку својот портал претходно денеска објави дека со бесење бил погубен двојниот државјанин на Иран и Британија, кој беше обвинет за шпионажа за британската разузнавачка служба.
Шеесет и едногодишниот Алиреза Акбари, поранешен висок функционер на иранското Министерство за одбрана, е осуден за корупција и поткопување на внатрешната и надворешната безбедност на земјата поради предавање разузнавачки податоци на Велика Британија, пишува порталот Мизан онлајн.
Тој беше погубен три дена по објавувањето на неговата смртна казна, во која не беше наведено дека е „клучен шпион“ на британската тајна разузнавачка служба (СИС), позната и како МИ6, поради „важноста на неговата позиција“.
Британскиот премиер Риши Сунак на Твитер напиша дека тоа е „беспоштедна и кукавичка“ пресуда.
Иран не признава двојно државјанство за своите граѓани.
Според официјалните ирански медиуми, Алиреза Акбари имал високи позиции во безбедносната и одбранбената структура на земјата. Според тие тврдења, тој учествувал во војната меѓу Иран и Ирак (1980-1988), бил заменик министер за одбрана, шеф на единицата во министерскиот истражувачки центар и советник на командантот на поморските сили, пренесе агенцијата Ирна.
Поранешниот заменик – министер за одбрана на Иран беше уапсен во 2019 година. Тој ги отфрли сите обвинувања упатени против него. Агенцијата Мизан наведува дека за своите „услуги“ добил повеќе од два милиони долари.