Фото: ЕПА

Изразена согласност меѓу Белата куќа и Кремљ за продолжување на нуклеарниот договор „Нов СТАРТ“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го пофали предлогот на Кремљ за продолжување на договорот за ограничување на бројот на нуклеарни боеви глави со долг дострел за уште една година, што претставува последна преостаната спогодба за контрола на нуклеарно оружје во рамките на договорот „Нов СТАРТ“ меѓу двете суперсили.
Американскиот претседател не појасни дали тоа значи дека САД ќе ја комбинираат руската идеја со сопствените предлози за продолжување на договорот или дали Белата куќа веќе формално одговорила на понудата на Кремљ.
Москва ја поздрави изјавата во која американскиот лидер Трамп го нарече предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за Договорот за стратешко офанзивно оружје – добра идеја.

Потенцијалното испраќање ракети во Украина – закана за американско-руските односи

Зеленото светло на Трамп за продолжување на „Нов СТАРТ“ доаѓа во деликатен момент во односите меѓу двете земји, кога Вашингтон сè уште размислува дали да испрати разорни ракети „томахавк“ во Украина преку своите европски партнери. Путин во неделата предупреди дека одлуката на САД да испорача ракети со долг дострел во Украина ќе ги уништи односите на Москва со Вашингтон.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, потврди дека Белата куќа го разгледува барањето на Украина за купување ракети што би можеле да погодат длабоко во Русија. Американски функционер и уште три извори изјавија за „Ројтерс“ дека желбата на администрацијата на Трамп да испрати ракети со долг дострел во Украина можеби не е одржлива, бидејќи сегашните резерви се наменети за американската морнарица, но и за други цели.

Обезбедување стабилност во време на зголемени тензии помеѓу Русија и Западот

Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во Прага, Чешка, од тогашните претседатели на САД и Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, ја ограничува секоја земја на максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени ракети и бомбардери. Договорот стапи во сила во 2011 година и не може формално да се продолжи. Но тоа не ги спречува двете страни да изберат да се придржуваат до ограничувањата за оружје по истекот на договорот.
Застапниците на продолжувањето на договорот тврдат дека одржувањето на контролата на оружјето би обезбедило одредена стабилност во време на зголемени тензии меѓу Москва и Западот поради војната во Украина и би им дало време на САД и Русија да преговараат за нов договор за наследник. Од друга страна, критичарите предупредуваат дека одржувањето на договорот за стратешките нуклеарни сили на САД и Русија би го спречило Вашингтон да го прошири својот арсенал како одговор на растечките нуклеарни капацитети на Кина.
Застапниците за контрола на оружјето рекоа дека продолжувањето на ограничувањата на „Нов СТАРТ“ би купило време за разговори за дополнителен договор.
– Кремљ и Белата куќа треба да го формализираат договорот и веднаш да ги насочат своите тимови да започнат преговори за нов, посеопфатен договор или договори што ќе ги решат тешките прашања со кои двете страни долго време се борат – рече Дарил Кимбал, извршен директор на Здружението за контрола на оружјето.
Подготвеноста на Путин да се придржува до ограничувањата на „Нов СТАРТ“ уште една година не значи дека преговорите за продолжување на договорот ќе бидат лесни. Во своите коментари минатиот месец рускиот претседател го критикуваше, меѓу другото, можниот развој на американскиот систем за ракетна одбрана во вселената „Златна купола“, нарекувајќи го „дестабилизирачка“ акција.
САД се повлекоа од договорот со Русија во 2019 година откако ја обвинија Москва за развој на нелегална крстосувачка ракета лансирана од копно. Кога Џо Бајден влезе во Белата куќа во 2020 година, една од неговите први надворешнополитички акции беше продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ за пет години. Но овој стратешки договор меѓу Вашингтон и Москва беше тестиран од војната во Украина. Во 2023 година Американците ги обвинија Русите за кршење на договорот „Нов СТАРТ“ бидејќи не прифатија пристигнување на инспекција за да се потврди усогласеноста со договорот на самото место. Путин одговори на овие обвинувања со суспендирање на учеството на Русија во „Нов СТАРТ“.

Кина ја поздравува подготвеноста на Русија за придржување до „Нов СТАРТ“

Владимир Путин им рече на членовите на Советот за безбедност кон крајот на септември дека Москва е подготвена да се придржува кон ограничувањата на договорот откако ќе истече на 5 февруари в година, под услов САД да возвратат на ист начин. Путин додаде дека Русија не е заинтересирана за трка во вооружување, но дека секоја одлука за тоа дали да продолжи да го ограничува своето оружје ќе биде донесена во светлината на глобалната безбедносна ситуација.
Кина веднаш ја пофали подготвеноста на Русија да продолжи да се придржува до договорот „Нов СТАРТ“.
– Соединетите Американски Држави и Русија, кои имаат најголеми нуклеарни арсенали во светот, имаат посебна одговорност за нуклеарното разоружување. Се надеваме дека двете земји ќе можат да продолжат да го спроведуваат договорот и да најдат начин да го продолжат процесот на проверлив, неповратен и правно обврзувачки начин – соопшти кинеското министерство за надворешни работи. Р.С.