Кина денеска на Светскиот економски форум во Давос цврсто застана во одбрана на мултилатерализмот и слободната трговија, остро спротивставувајќи се на враќањето на „законот на џунглата“ во меѓународните односи.
Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, во контекст на зголемените глобални трговски тензии, нагласи дека светот не смее да дозволи доминација на привилегирани држави врз основа на нивните сопствени интереси.
– Мал број привилегирани држави не треба да ги искористуваат предностите само врз основа на сопствените интереси. Светот не може да се врати на законот на џунглата, каде што силните ги напаѓаат слабите. Едностраните дејствија и трговските договори на одредени земји очигледно ги кршат принципите и темелните правила на Светската трговска организација (СТО) и вршат сериозно влијание врз светскиот економски и трговски поредок – изјави Хе Лифенг.
Кинескиот вицепремиер упати апел за заштита и истовремена реформа на мултилатералните институции, оценувајќи дека меѓународниот трговски систем се соочува со најголемите предизвици во последните години. Како позитивен пример за решавање на споровите преку дијалог, тој ја посочи трговската војна меѓу Кина и САД од 2025 година и привременото примирје постигнато во октомври помеѓу претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп.
И покрај меѓународните сомнежи за одредени кинески деловни практики, Хе Лифенг увери дека Пекинг останува посветен на соработката.
– Кина е трговски партнер, а не ривал на другите земји. Ние ќе продолжиме да ги отвораме нашите врати уште пошироко за странските економски активности – заклучи вицепремиерот.

































