Кина се спротивставува на „менталитетот на Студената војна“ во глобалната дипломатија, рече претседателот на Кина во својот говор. „Кина одлучно се спротивставува на сите форми на хегемонија и политика на моќ, се спротивставува на менталитетот на Студената војна, се спротивставува на мешањето во внатрешната политика на другите земји, се спротивставува на двојните стандарди“! Тој додаде дека Пекинг „никогаш нема да се стреми кон хегемонија и никогаш нема да се вклучи во проширувањето“. Односно, дека „Кина нема да се занимава со ‘експанзионизам’ и ќе остане посветена на својата политика за отворање на економијата кон надворешниот свет“
Некои поенти од говорот на кинескиот претседател Си Џинпинг, на отворањето на 20. Конгрес на Комунистичката партија на Кина
На отворањето на 20. Конгрес на Комунистичката партија, кинескиот претседател Си Џинпинг одржа опширен говор, кој опфати различни области: економија, надворешна политика, здравствени политики, наталитет и стареење на кинеското население, корупција во државата… Секако, тој не го одмина прашањето во врска со Тајван. Кинескиот претседател го одржа својот говор во „Големата сала на народот“ во Пекинг. На Конгресот присуствуваа 2.300 делегати од целата држава. Говорот траеше 1 час и 40 минути.
Еве ги најзначајните ставови искажани од кинескиот претседател Си Џинпинг, како што објавија „Стрејт тајмс“, „Ксинхуа“ и ЦГТВ.
Во врска со Тајван, со Хонгконг…
Кога станува збор за Тајван, тој рече дека тоа е внатрешно прашање на кинескиот народ и дека Кина никогаш нема да се откаже од можноста да употреби сила за да го врати Тајван под своја закрила. Сепак, тој рече дека неговата партија секогаш „ќе ги почитува, ќе се грижи и ќе работи за благосостојбата на сонародниците во Тајван“.
Кина постигна сеопфатна контрола над Хонгконг, претворајќи ја ситуацијата од хаос во нормално владеење – рече Си, алудирајќи на често насилните протести против авторитарната влада на Пекинг што го потресоа градот во 2019 година.
Хонгконг и Макао мора долгорочно да се придржуваат до политиката на „една земја, два система“, бидејќи тоа се покажа како најдобар институционален механизам за двата града, како што тврди Си.
Сега Кина мора да се погрижи Хонгконг да биде управуван од патриоти, да ги реши своите длабоковкоренети социјални и економски проблеми, а Пекинг ќе го поддржи градот во неговите напори да се интегрира со копното – додаде претседателот на Кина.
Си рече дека Кина се спротивставува на „менталитетот на Студената војна“ во глобалната дипломатија.
Кина одлучно се спротивставува на сите форми на хегемонија и политика на моќ, се спротивставува на менталитетот на Студената војна, се спротивставува на мешањето во внатрешната политика на другите земји, се спротивставува на двојните стандарди – рече претседателот, додавајќи дека Пекинг „никогаш нема да се стреми кон хегемонија и никогаш нема да се вклучи во проширувањето“.
Кина нема да се занимава со „експанзионизам“ и ќе остане посветена на својата политика за отворање на економијата кон надворешниот свет. Во однос на одбранбените прашања, кинескиот лидер рече дека партијата има цел „да изгради силна војска во новата ера“ за да постигне стратегиска способност за одвраќање. Тој вети нов изглед и нова структура на Народноослободителната армија, со понапредна опрема, технологија и стратешко-нуклеарни капацитети. – Мораме да бидеме подготвени за опасности во време на мир, да се подготвиме за врнежливи денови и да бидеме подготвени да ги издржиме големите тестови на силните ветрови и високите бранови – рече г. Си.
Тој ја спомена „безбедноста“ како термин 73 пати, во споредба со 55 пати во 2017 година, според транскриптите на државната новинска агенција „Ксинхуа“. За споредба, Си спомена „реформа“ 16 пати, многу помалку од 70-те спомнати во говорот пред пет години.
Претседателот Си се заложи за промовирање на кинеската приказна и важноста на кинеската култура
Си ја истакна важноста на силната „социјалистичка“ култура во Кина, потребата да се пропагира меѓу помладата генерација и да се промовира „кинеската приказна“ во остатокот од светот.
Пекинг ќе го продлабочи патриотското образование и ќе ја насочи религијата кон компатибилност со своето социјалистичко општество – рече тој.
Тој додаде дека цврстата партиска контрола врз идеологијата и медиумите придонесува за социјална стабилност.
Ќе останеме цврсто вкоренети во кинеската култура и ќе продолжиме да раскажуваме кинески приказни. Нека се слушне гласот на Кина со претставување на Кина, која е веродостојна, атрактивна и почитувана, а ние подобро ќе ја покажеме на светската кинеска култура – тврди тој.
Дополнително, тој рече дека „марксизмот е основната водечка идеологија на која се засноваат и напредуваат партијата и земјата“.
За технолошкиот развој и развојот на здравството
Претседателот на Кина, САи го охрабри научниот и технолошкиот развој на Кина во последниве години, вклучувајќи ги фармацевтските откритија и истражувањето на вселената.
Технологијата е главната производствена сила, талентот е главниот ресурс, а иновациите се главната движечка сила – рече тој, нагласувајќи ја важноста Кина да стане технолошки независна.
Тој посочи дека повеќе ќе се сврти кон домашните технолошки можности. Тој рече дека Кина ќе ја промовира својата стратегија за „заеднички просперитет“, зголемувајќи го бројот на луѓе со среден приход, истовремено стандардизирајќи ја распределбата на приходите. Кина, исто така, ќе воспостави подобар систем за домување, што ќе ја намали стапката на недостиг од станови.
Претседателот рече дека земјата мора дополнително да ја подобри својата здравствена инфраструктура, да воспостави систем на политики за зголемување на стапката на наталитет и подобро да се справи со стареењето на населението. Стапката на наталитет во Кина од 1,16 во 2021 година беше значително под стапката од 2,1 потребна за стабилно население. Кина, делумно поради својата политика „Едно дете по семејство“, сега има една од најниските стапки на наталитет во светот.
За животната средина и за корупцијата…
Кинескиот претседател вети дека ќе ѝ даде приоритет на животната средина, ќе ја заштити природата и ќе промовира зелен начин на живот. Промовирајќи „енергетска револуција“, тој вети дека ќе го елиминира сериозното загадување на воздухот и водата, ќе ја стави под контрола контаминацијата на почвата и ќе го користи јагленот на почист и поефикасен начин.
Кога станува збор за конфликтот со корупцијата во врвот на владата (за што надворешните аналитичари тврдат дека е пресметка за превласт во партијата), Си сликовито објасни: „Користевме комбинација на мерки за уништување тигри, лов на муви и лисици, казнување корумпирани службеници од сите видови“.
Се очекува Си да добие редок трет мандат како шеф на втората по големина економија во светот на Конгресот на комунистичката партија на Кина што се одржува на секои пет години. Конгресот завршува во текот на оваа недела. Р.Н.М.