Кина денес успешно лансираше нов сателит за далечинско набљудување во вселената, пренесоа кинеските државни медиуми.
Сателитот „Јаоган-39“ беше лансиран во вселената во 4.03 часот по локално време од центарот за лансирање на сателити Ксичанг во југозападната провинција Сечуан, пренесе „Анадолу Агенси“, цитирајќи ја агенцијата „Ксинхуа“.
Првата серија сателити Јаоган-34 беше лансирана на 30 април 2021 година, а потоа и други лансирања.
Претходно беше објавено дека оптичкиот сателит за далечинско набљудување ќе се користи за истражување на урбанистичкото планирање, валидација на правата на земјиштето, проценка на приносот на културите и спречување и ублажување на катастрофи.
Пекинг со децении инвестира милијарди евра во вселенската програма предводена од војската, благодарение на што во голема мера успеа да ги достигне Американците и Русите.
Кина го испрати својот прв астронаут во вселената во 2003 година, а нејзината вселенска станица Тиангонг (Небесна палата) е целосно оперативна од крајот на 2022 година.
Иако досега сите кинески астронаути беа членови на Народноослободителната армија, Кина во мај годинава за прв пат во историјата испрати цивилен астронаут во вселената, што е нов чекор во продолжувањето на нејзината програма за истражување на вселената.