Кина изјави дека е „многу загрижена“ од големите израелски напади врз Иран, критикувајќи го она што го нарече кршење на иранскиот суверенитет. Пекинг изрази подготвеност да помогне во ублажувањето на тензиите.
-Кина е многу загрижена поради израелскиот напад врз Иран – изјави Лин Џијанг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи. Тој предупреди дека овој потег може да доведе до „сериозни последици“.
-Кина ги повикува сите засегнати страни да сторат повеќе за да го одржат мирот и регионалната стабилност и да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите – додаде портпаролот.
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран и изразува загриженост по израелските напади врз Иран, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од локалните медиуми.
-Русија е вознемирена и ја осудува острата ескалација на тензиите – рече Песков.
Тој додаде дека по наредба на претседателот Владимир Путин, Министерството за надворешни работи на Русија наскоро ќе објави соопштение за ситуацијата, која потоа ќе биде дистрибуирана до ОН.
Израел го нападна Иран во текот на ноќта, наведувајќи дека ги нападнал неговите нуклеарни објекти и заводи за производство на ракети и убил команданти во рамките на операцијата за спречување на Техеран да се здобие со нуклеарно оружје.
Франција ги повика „сите страни да покажат воздржаност и да избегнат каква било ескалација што би можела да ја наруши регионалната стабилност“ по израелските напади врз Иран.
„Многу пати ја изразивме нашата силна загриженост во врска со иранската нуклеарна програма. Од витално значење е да се користат сите дипломатски канали за намалување на тензиите“, напиша францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на „Икс“.
Израел има право да се брани, а Иран не треба да развива нуклеарно оружје, соопшти денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц и ги повика двете страни да се воздржат од ескалација и дестабилизација на регионот.
Мерц изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го информирал во телефонски разговор утрово за израелскиот напад врз Иран.
Германскиот канцелар истакна дека Берлин тесно соработува со своите партнери, особено со Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција.