Пекинг и Токио иницираат низа средби за подобрување на билатералните односи, во многу области
Кина и Јапонија денеска се согласија да ги обноват разговорите за честите спорни безбедносни прашања, бидејќи се обидуваат да ги подобрат односите, кои се заострија во последниве години поради низа прашања, од територијални спорови до испуштање вода од јапонската нуклеарна централа Фукушима опустошена од цунами. Јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја на своето прво патување во Кина по преземањето на функцијата во октомври звучеше позитивно по состаноците со кинескиот премиер Ли Чијанг и министерот за надворешни работи Ванг Ји, велејќи дека разговорите биле „многу искрени“ и широки.
– Чувствувам дека успеавме да изградиме личен однос што ќе доведе до иднината – им рече тој на новинарите во кинеската престолнина, а пренесува „Никеи“.
Кинескиот министер Ванг Ји се согласил да ја посети Јапонија следната година за економски дијалог на високо ниво, вклучувајќи соработка за животната средина, зачувување на енергијата и за медицинска нега. Јапонија најави олеснување на визните прописи за кинеските посетители, по неодамнешната одлука на Кина да дозволи безвизен влез за Јапонците.
Подготвени да работат на проблематичните теми
Напорите за подобрување на врските се во рана фаза по средбата помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба за време на самитот на азиско-пацифичката економска соработка одржан минатиот месец во Перу.
– Односите меѓу Кина и Јапонија во моментов се во критичен период на подобрување и развој. Кина е подготвена да работи заедно со Јапонија за да се придвижи кон важната насока предложена од лидерите на двете земји – рече Ли на почетокот на средбата со Иваја.
Јапонија го преобликува својот пристап кон одбраната како одговор на активностите на Кина во последниве години, зголемувајќи ги воените трошоци и оддалечувајќи се од принципот на самоодбрана. Ванг се согласи со предлогот на Иваја за јапонско-кинески безбедносен дијалог, во обид за подобрување на комуникацијата за некои од овие прашања. Иваја повика на рано укинување на забраната за увоз на јапонски морски плодови што Кина ја воведе откако јапонско претпријатие почна да испушта прочистена, но сепак во одредена мера радиоактивна вода од поранешната нуклеарна централа Фукушима. Јапонија тврди дека нивото на радијација не може да биде опасно. Двете страни се согласија да продолжат да работат на ова прашање и да ги продолжат разговорите за извоз на јапонско говедско месо и ориз во Кина. Р.С.