Фото: ЕПА

Кина забрзано ја модернизира својата земјоделска индустрија, ставајќи акцент на технологијата како клучен двигател на продуктивноста и одржливоста. Според најновите насоки, земјоделството е поставено во центарот на националната стратегија за модернизација, со фокус на безбедноста на храната и зголемување на приходите на руралното население.

Властите идентификуваа три главни приоритети: интеграција на различните аграрни сектори (земјоделство, сточарство, рибарство), поврзување на производството со преработката и пазарите, како и комбинирање на земјоделството со туризам и култура. Во практика, тоа значи масовна примена на паметни технологии. Дронови веќе се користат за транспорт на производи и третман на посеви, додека роботизирани системи управуваат со наводнување и жетва.

Еден од најимпресивните проекти е „Сухаи-1“ – првиот мобилен брод за аквакултура, кој функционира како пловечка фабрика за риба со автоматизирани системи за хранење и обработка. Овој модел покажува како Кина ја трансформира традиционалната аграрна економија во високотехнолошки сектор. Со повеќе од 300.000 дрона во употреба, земјата веќе е глобален лидер во агротехнологијата.

Паралелно се развиваат нови сорти на култури отпорни на климатски промени, што е дел од пошироката стратегија за одржливо производство. Целта е јасна – целосна механизација и дигитализација на производството, со што ќе се обезбеди стабилно снабдување со храна за население од над 1,4 милијарда луѓе.