Фото: ЕПА

Истражување на аналитичкиот центар Австралиски институт за стратегиска политика (АСПИ)

  • Истражување на Австралискиот институт за стратегиска политика (АСПИ) покажува дека Кина го зазеде првото место во 57 технолошки категории од вкупно 64 во периодот од 2019 до 2023 година, додека САД се лидери во седум категории
  • АСПИ е полудржавен австралиски аналитички центар, кој главно е финансиран од австралискиот и американскиот воено-индустриски комплекс. Со други зборови, овој институт не е извор на информации што би можел да се нарече „прокинески“

Според најновата студија на реномираниот австралиски аналитички центар АСПИ (Австралиски институт за стратегиска политика), НР Кина предничи во повеќето напредни технологии, надминувајќи ги САД и другите земји во клучните технолошки сектори. Истражување на АСПИ покажува дека Кина го зазеде првото место во 57 технолошки категории од вкупно 64 во периодот од 2019 до 2023 година, додека САД се лидери во само седум категории, вклучувајќи ги квантните компјутери и биотехнологијата.

Истражувачки модел на АСПИ: „Следење на критичната технологија“

Со цел да се идентификуваат 64 критични технологии на иднината (вештачка интелигенција, биотехнологија, батерии за електрични возила итн.) и да се изгради база на податоци за да се разбере кои земји и институции спроведуваат најиновативно и најефикасно истражување, од АСПИ го лансираа моделот „Следење на критичната технологија“.
Според него, Кина постигнала посебен напредок во технологиите што имаат воена примена, како што се радарите, беспилотните летала и сателитот. Во категоријата хиперсонично откривање и следење, Кина доминира со учество од 73 отсто, додека САД заостануваат со 13 отсто. Успесите на Кина се поврзани со иницијативата „Произведено во Кина 2025“, која има цел да ја модернизира индустријата и да постигне глобална технолошка доминација до 2049 година.

Кина води и во жестоката конкуренција за полуспроводнички чипови

Во областа „Напредни информатички и комуникациски технологии“, Кина води во сите технологии, но е најдоминантна во „Напредни оптички комуникации“ и „Подморски безжични комуникации“, со девет од десетте доминантни истражувачки институции за двете технологии.
Потоа, во секторот „Напредни материјали и производство“, доминацијата на Кина е апсолутно неоспорена, со висока или средна монополска позиција во 12 од 13 технологии. Што, всушност, не е изненадување за единствената производна велесила во светот. Во категоријата „Сензор, тајминг и навигација“, Кина повторно е лидер, додека САД водат само во атомски часовници.
Во областа на вештачката интелигенција (ВИ), Кина е нешто помалку доминантна, но сепак води во пет од шест технологии. Само во обработката на природниот јазик САД се водечки (благодарение на „Чет џи-пи-ти“).
Она што секако не треба да изненадува, со оглед на доминантната позиција на Кина во електричните возила и зелената индустрија, е тоа што таа води во сите технологии под „Енергија и животна средина“, со висока до средна монополска позиција во шест од осумте технологии.
И тука има една област во која водат САД – квантните технологии. Ова е особено изразено во квантните компјутери, каде што Америка ја има единствената донекаде монополистичка позиција од сите 64-технологии, со седум од десетте водечки истражувачки институции. Во другите три, Кина води.
Исто така, фасцинантно е да се види дека Кина сега ги води САД во напредното истражување на полуспроводнички чипови, со оглед на жестоката конкуренција на ова поле и агресивните американски санкции. Како што често се случува, ова раководство во истражувањето веројатно ќе се претвори во технолошки придобивки и можеби на крајот доминација на пазарот.

Во одбранбениот сектор, Кина е огромно изненадување

И веројатно најизненадувачкото откритие, со оглед на сумата на пари што САД ја трошат за одбрана, е дека Кина доминира во одбранбениот сектор и технологиите „релевантни за АУКУС“; вклучувајќи монополска позиција во шест од десет технологии. Со оглед на ова знаење, можеби Американците треба да се запрашаат: „Каде одат нашите пари?
Всушност, САД инвестираат огромни суми пари во одбраната – според некои процени повеќе од трилион долари годишно, над четири пати повеќе од Кина – и сега заостануваат во сите, освен во една од клучните одбранбени технологии на иднината (мали сателити).
Она што е веројатно е дека поголемиот дел од буџетот за одбрана на САД оди за финансирање на улогата на „светски полицаец“, вклучувајќи ги војните низ светот (тие извршиле 114 воени интервенции од крајот на Студената војна – т.е. во последните 30 години, според истражувачки проект на Универзитетот „Тафтс“). Кина, како што е познато, не е вклучена во воени интервенции во истиот период и затоа троши речиси 100 отсто од својот буџет дома, токму на полиња како иновации и модернизација. Во основа, зборуваме за разликата помеѓу претерано растегната глобална империја и нација што е стратегиски фокусирана на сопствениот развој.

До пред 20 години беше шампион во само три категории

АСПИ, исто така, покажува дека нема симпатии кон Пекинг со предупредување за опасноста од кинеска технолошка монополизација и предлагање поблиска соработка помеѓу безбедносната алијанса АУКУС (Австралија, Британија и САД) и азиските сојузници, како што се Јапонија и Јужна Кореја, со цел да се намали технолошката заостанатост во сектори како што се роботиката и автономните системи.
Јапонија и Јужна Кореја веќе покажуваат потенцијал во одредени категории, како што се нуклеарната енергија и производството на полуспроводници, но за да се стигне до Кина е потребен координиран напор меѓу тие земји и АУКУС.
Колку Кина напредуваше во последните години говори и фактот што пред 20 години беше шампион во само три категории. САД, од друга страна, ја изгубија својата истражувачка предност. Пред 20 години беа лидер во 60 технологии.
Интересно е што „Харвард бизнис ривју“ во 2014 година објави статија насловена „Зошто Кина не може да биде иновативна“, тврдејќи како тоа е „земја на паметни студенти врзани со правила“, кои не можат да бидат креативни. Десет години подоцна, Кина доминира во однос на САД, во иновациите во 90 проценти од технологиите. Р.С.


Неверојатниот напредок на Кина

Кинеската академија на науките сама води во 31 технологија од вкупно 64

АСПИ тврди дека „во голем број области, Кина изгради потенцијални монополски позиции во научната експертиза и врвните институции“, со „исклучително висока концентрација на истражувачка експертиза“ и „помеѓу три и пет пати повеќе од истражувањето на САД“.
Во споменатото истражување, АСПИ наведува дека американското истражување е „сè повеќе концентрирано на американските технолошки гиганти“ („Гугл“, „Мајкрософт“ итн.), додека „кинеските компании играат релативно мала улога“ во националните истражувања.
Секако, единствената истражувачка институција што навистина се истакнува во оваа студија е Кинеската академија на науките, која сама води во 31 технологија од вкупно 64. Тоа е приближно еквивалент на францускиот ЦНРС или на германското друштво „Макс Планк“. САД немаат таква централизирана владина истражувачка институција. Р.С.